Свет
21. јуни 2017 - 12:32

Кушнер во посета на Блискиот Исток во потрага по мир меѓу Палестинците и Израелците

Чикаго Трибјун - Чикаго

Џеред Кушнер, зет на претседателот Доналд Трамп и висок советник во Белата куќа, неделава ќе престојува на Блискиот Исток во потрага по мировен договор меѓу Израелците и Палестинците, официјално потврди Белата куќа.

Кушнер ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалем и со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Рамалах, како пратеник на Трамп, заедно со Џејсон Гринблат, помошник на Трамп и специјален претставник за меѓународни преговарања.

Посетата се случува еден месец по првата посета на Трамп на регионот, за време на која тој се сретна со израелски и палестински претставници и се заложи дека ќе работи да ги доведе двете страни до договор за траен мир. 

Гринблат пристигна на Блискиот Исток во понеделникот, а Кушнер ќе допатува денеска, на разговори со израелските и палестинските лидери.

Висок анонимен извор од Белата куќа, кој зборуваше за деталите под услов да не се објави неговото име, ги наведе очекувањата и рече дека Кушнер и Гринблат се надеваат дека ќе ги „продолжат разговорите“ со двете страни, но потенцира и дека со сигурност оваа намера ќе бара понатамошни дискусии.

- Важно е да се напомене дека за постигнување на исторски мировен договор ќе треба време и доколку се случи некаков прогрес, најверојатно ќе има повеќе посети и од Кушнер и од Гринблат, понекогаш заедно, а понекогаш одвоено, на регионот и можно е повеќе патувања на израелски и палестински преговарачи во Вачингтон или на други локации додека се водат суштински разговори, рече службеникот од Белата куќа.

Патувањето на Кушнер на Блискиот Исток е можеби најјасниот знак дека проширената истрага во врска со Русија, која ја води специјалниот советник Роберт Малер, не доведе до скратување на неговото портфолио за учество во високата политика, ниту пак му даде пауза на Трамп да го испрати како претставник во странство.

Минатата недела „Вашингтон пост“ објави дека ги истражува бизнисите на Кушнер како дел од истрагата во врска со мешањето на Русија во претседателските избори во 2016 година. Кушнер преку неговиот приватен адвокат рече ќе соработува во тие истраги, вклучувајќи ги и онаа на Малер и на конгресните комисии.

Кушнер и Гринблат помогна во организацијата на посетата на Трамп на Ерусалем на 22 и 23 мај, каде тој се сретна со Нетанјаху, и во Витлеем на Западниот Брег, каде се сретна со Абас. Кушнер исто одигра важна улога во планирањето на патувањето на Трамп во Саудиска Арабија, каде тој се обрати на редок самит на лидери од околу 50 муслимански земји и повика на обединет фронт против тероризмот и есктремизмот.

Трамп ги назначи Кушнер и Гринблат да ги предводат обидите на САД за обезбедување мир на Блискиот Исток. Службеникот во Белата куќа истакна дека двајцата претседателски советници се почитувани во меѓудржавните процеси и работата со Стејт департментот, со кој раководи државниот секретар Рекс Тилерсон и со Советот за национална безбедност, кој го води советникот за безпедност Х.Р. Мекмастер.

- Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека работата на постигнување на договор за траен мир меѓу Израелците и Палестинците е негов главен приоритет, рече службеникот од Белата куќа. - Тој силно верува дека мирот е можен, додаде тој.