Кукан: Ако има предвремени избори ќе биде „хаос“ во земјата
Ден пред гласањето за извештајот на Македонија во комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент, европратениците разменија мислења за состојбата во земјата по референдумот за Договорот за името. Неколку тензии се појавија и со грчка европратеничка од Сириза.
Европратениците утре ќе гласаат и за усмен амандман додаден од страна на известувачот, Иво Вајгл по 30 септември кој гласи дека се нотира исходот од референдумот и истакнува дека е потребна дополнителна поддршка за евроатлантската иднина на земјата и ратификацијата на Преспанскиот Договор. Пратениците ќе ја охрабрат Владата да ги преземе сите потребни чекори за почитување на одредбите од договорот, јави допсиничката на МИА од Брисел.
Во тој контекст, европратениците потенцираа дека во овој момент не се знае дали во Македонија ќе успее да се најде двотретинско мнозинство за усвојување на Договорот или ќе се оди на предвремени избори. Едвард Кукан, од Европската Народна Партија, порача дека доколку има промени во состојбите во Македонија, содржината ќе може да се адаптира кога извештајот за Македонија ќе се усвојува на пленарна седница на ЕП во ноември.
- Мојата единствена забелешка е дека ако е потребно да се одржат предвремени избори ќе има хаос во земјата долго време, рече Кукан на дебатата за Македонија, додавајќи дека постои сериозна загриженост за земјата.
Тој ја поздрави работата на Иво Вајгл и рече дека ќе го поддржи извештајот.
Известувачот Вајгл посочи дека во Македонија ситуацијата е подобра од претходните години и дека Преспанскиот Договор го вратил оптимизмот во однос на земјата во ЕУ.
Сега, рече тој, „ја барам вашата поддршка за усниот амандман кој го поднесов додека чекаме следните чекори да ги најави македонската Влада“.
- Поентата е да се продолжи да се поддржува приближувањето на земјата кон ЕУ и НАТО доколку таа желба биде изразена од страна на самата држава, рече известувачот.
Европратеникот Кнут Флекенштајн од социјалдемократите изрази надеж дека Преспанскиот Договор нема да стане колатерална штета на можна политичка криза во земјата.
Конзервативецот Чарлс Танок, од своја страна, порача дека без договор со Грција за спорот процесот на придружување на Македонија кон ЕУ ќе стане „академска вежба“.
-Слушаме разни звуци од земјата, кои тешко се читаат, меѓутоа развојот од минатиот викенд покажува дека договорот можеби нема да се материјализира, се зборува за предвремени избори, и, како што кажа специјалниот пратеник на ОН, Метју Нимиц, можеби ќе бидат потребни уште 25 години за нов договор ако оваа историска можност помине, рече Танок.
Тој додаде дека такво нешто би било пораз и за Македонија и за политиката на проширување на ЕУ на Западниот Балкан и ги поздрави напорите на Владата во делот на владеењето на правото, слободата на медиумите и борбата против корупцијата како и обидите за нормализирање на односите со соседите.
Тензија се појави помеѓу грчката европратеничка, Софиа Сакорафа од Сириза и Кнут Флекенштајн, откако таа порача дека не го поддржува Преспанскиот Договор и го нарече „вештачки наметнат“, на што Флекенштајн возврати барајќи одговор дали е тоа ставот на нејзината партија. Сакорафа одби да му одговори и го обвини Флекенштајн дека е „протви Грција“.
-Ние имаме сериозен проблем во нашата татковина и се обидуваме да ги зачуваме нашите интереси, рече Сакорафа.
За збор се јави и пратеникот Стелиос Кулуглу од Сириза кој, за разлика од Сакорафа, го поздрави Преспанскиот Договор и храброста на двајцата премиери.
-Овој Договор му става крај на смешниот спор за името, носи стабилност на Балканот, каде има многу проблеми, рече Кулуглу.
Тој посочи дека е потребна голема храброст за овој договор поради „демагошката националистичка опозиција прортив договорот, од страна на фашисти и десничари“.
Кулуглу изрази разочараност што партија како Нова Демократија не покажала поголема конструктивност во процесот од “фашистите“.
-Сакам да кажам дека и Ципрас и Заев заслужуваат меѓународно признание за политичката храброст да продолжат со овој договор и да му стават крај на овој долгогодишен спор, рече Кулуглу.
Гласањето во комисијата за надворешни работи ќе се одржи утре во попладне во Брисел.
Ново на Сител
-
ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Коцевски
-
На пазарот фалат над 10.000 работници, ССМ апелирира за зголемување на платите
-
Тутунарите не го предаваат тутунот
-
Годинава регистрирани 51 случај со ХИВ/СИДА – Невладините бараат поголем буџет за превенција и терапија
-
Раритетен археолошки наод - Ѕидана гробница од крајот на вториот век
-
Преглед на вестите од светот
-
Тема на денот со генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ
-
17 уапсени за инцидентите