Бизнис
2. March 2022 - 16:38

Кризата во Украина влијае и на странските инвестиции

Компаниите во зоните веќе чувствуваат последици од украинско-руската криза. Особено се погодени тие од автомобилската индустрија бидејќи нивните клиенти веќе најавиле привремено затворање на погони.

„Од понеделникот веќе неколку големи производители, пред сè Фолксваген, Шкода, Ауди, БМВ веќе најавија целосно затворање на нивните производствени процеси не само во Германија, туку и на други локации во Европа каде што ги произведуваат своите возила. Но, истовремено мора да земете во обзир кои се другите индиректни потенцијални влијанија. Цената на енергенсите се зголемува, инфлацијата сакале или нејќеле ќе трае подолго отколку што беше планирано и целата онаа несигурност со вакво воено дејствие ќе значи дали сентиментот на купување на возила во Западна Европа ќе е иста“, вели Виктор Мизо, претседател на Асоцијација на странски компании со технолошко напредно производство.

Надлежните велат дека ја следат состојбата но, сепак очекуваат дека ќе се најде начин за справување со кризата, како претходно кога во пандемиска година компаниите од зоните сепак реализираа раст на извозот.

„Очекувам дека ризиците ќе имаат свои негативни последици, меѓутоа повторно на крајот на годината заради фактот што дел нови капацитети кои почнаа со градба минатата година ќе почнат со производство оваа година, во обем повторно ќе имаме раст не само на извозот, туку и раст на бројот на работни места и на платите“, вели Јован Деспотовски, директор на Дирекција на Технолошко индустриски развојни зони.

Инаку, од денеска над 250 царински стапки се усогласени со европската регулатива, со што извозниците од земјава ќе бидат еднакво конкурентни како компаниите од ЕУ. Дирекцијата на ТИРЗ и Советот на странски инвеститори веќе кројат нова методологија за државна помош, чија цел е да се поттикнат поквалитетни инвестиции за повисоки профити, поголеми приходи во буџетот и за повеќе и поплатени работни места.