Македонија
4. September 2018 - 17:13

Кривична за криумчарење мигранти

41 годишен жител на скопското село Сингелиќ доби кривична пријава и 30 дневен притвор за круимчарење мигранти.

Случајот бил откриен на почетокот од овој месец на автопатот Гевгелија - Скопје кај селото Прдејци. Како што информираат од полицијата од страна на нивни службеници било забележано возило Хонда со скопски регистарски таблички во кое имало мигранти и кое со голема брзина се упатило кон Скопје.

Откако полицијата тргнала по возилото,  во близина на селото Миравци тоа запрело, но само за да излезат мигрантите од него, а потоа возачот продолжил со движење.

За кратко време возилото кое го управувал 41 годишниот жител на Сингелиќ  сепак било запрено, а пронајдени се и 14- те мигранти кои ги превезувал. Од нив 11 биле државјани од Авганистан, а тројца од Пакистан.

Ова е последниот во низата случаи со кримчарење мигранти кои полицијата скоро секојдневно ги открива. Од почетокот на годината па заклучно со јуни откриени се 23 такви случаи што е значително зголемување во однос на лани кога за цела година имало 19 такви обиди.  Оваа година зголемување има  кога се работи и за бројот на криумчарените мигранти. Само до јуни биле откриени 306 лица,  за разлика од претходната цела година кога имало 212 мигранти кои се криумчареле.