Македонија
24. February 2020 - 17:01

Кренат степенот на готовност, три болници во Македонија подготвени за пациенти со корона вирус

Ширењето на корона вирусот на европскиот континент  го вклучи црвениот аларм и во Македонија. Без потреба од итност, македонските граѓани да не патуваат во северна Италија, апелираше министерот Венко Филипче откако денеска здравствените власти го подигнаа степенот на готовност со нови мерки за превенција од опасниот ковид 19. На скопскиот аеродром ќе има 24 часовно присуство на медицински екипи а надзор ќе прават и на охридскиот каде вечерва на летот од Милано, епидемиолошки екипи ќе ја проверуваат телесната температура на сите патници. Под лупа ќе бидат и сите гранични премини.

-„Граничната полиција и царината веќе ги имаат прашалниците и доколку има патник кој има симптоми, со специјален тим и специјално возило ќе биде спроведен на Инфективната клиника во Скопје, изјави Венко Филипче, министер за здравство.  

Денеска пристигнале уште тројца кинески работници од Синохидро немале никакви симптоми. Но и тие како и претходно дојдените инженери ќе бидат под 14 дневен здравствен надзор во Кичево. Филипче вели има каде да сместат заболени или сомнителни доколку вирусот дојде и во земјата.

- Ако се јави потреба Инфективната клиника во Штип ќе функционира како објект за изолација. Тука е и болницата во Велес и Гостивар доколку има потреба, вели Филипче.

Министерот за здравство вели дека се во постојана комуникација со македонскиот конзул во Венеција и дека во моментот нема информации дека македонски граѓани се меѓу заболените со корона вирус или под опсервација во Италија.

Од МНР, пак, соопштија дека во зафатените региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања престојуваат околу 23 000 Македонци. 

И покрај дополнителните мерки за заштита, здравствените власти велат дека засега нема простор за паника. Побараа од граѓаните редовно да ги мијат рацете и да немаат блиски контакти со болни лица. И додека маските се една од мерките за певенцијата, во аптеките во земјата има недостиг од заштитна опрема.

Дали ќе има одложување на екскурзиите на средношколците планирани за април во Италија, од министерството за здравство најавија дека за тоа ќе одлучуваат на повисоко ниво и тоа на попладневниот состанок во ЦУК каде ќе бидат присутни министри од повеќе ресори.

Овие мерки следуваат по драматичната ситуација во северна Италија каде досега има пет починати и над 200 заразени.

Денеска паника за сомнителен случај имаше и во Косово за пациентка која била во Италија,. Но резултатите покажале дека нема корона вирус.