Балкан
9. September 2016 - 10:59

Крај на илузијата: Државата не е должна на секого да даде работа

Ал Џезира Балкан - Сараево

Невработеноста на популацијата до 30 години е поголема од 60 отсто, покажуваат неодамнешните истражувања, кои во БиХ ги спроведе УНДП. Тоа е една од најголемите стапки на невработеност во Европа и најголема во регионот на југоисточна Европа, а популацијата која ја нарекуваме млади, се соочува со проблеми и предизвици, кои за генерацијата на нивните родители биле целосна непознаница.

Причините за таквата состојба се многубројни, но како најважна, соговорниците на Ал Џезира ја наведуваат економската неразвиеност на земјата, која едноставно не е во состојба да го генерира стопанскиот развој кое би било проследено со масовно отварање на нови работни места.

Најголемата причина за економската заостанатост е системот на општествените вредности кој е под знак прашалник, кој не негува филозофија на соочување со работните предизвици.

Погрешен систем на вредности

Тој општествен систем, кој воопшто не е усогласен со времето во кое живееме, се уште промовира размислување со кое не се поттикнува личната и индивидуалната активност, вели Ранко Маркуш, директор на швајцарскиот проект за вработување на младите YEP.

Однесувањето на жителите на Босна и Херцеговина е обликувано со еден наметнат и суштински погрешен модел на делување од кој јасно може да се види неподготвеност на прилагодување на општествените промени.

„Во Босна и Херцеговина се уште е многу застапен моделот според кој човекот прво оди на училиште, потоа завршува факултет, па потоа се вработува и на крај основа семејство. Тој пат се доживува како нешто сосема природно и вообичаено, но малкумина се свесни за фактот дека сите етапи кои доаѓаат по школувањето, се условени од вработувањето”.

Размислувањето на младите, кога станува збор за барање на работен ангажман, сосема е погрешно и се уште владее мислење дека право е на секого да има вработување и дека мора да постои некоја истанца, која поединецот работно ќе го ангажира без оглед на степенот на неговото образование и работната способност.

Маркуш вели дека во вработувањето на младите голема пречка е и нивното непознавање на пазарните правила на капитализмот. Денес е време во кое секој посебно мора да вложи најголем труд за да дојде до вработување, бидејќи на никого не му е во интерес, освен ако е принуден, да троши пари на работничка плата.

„Ние очекуваме дека некој ќе ни даде работа, а ние гледаме дека ничија работа не е да вработува луѓе. Државата, од која сите го очекуваат тоа, треба да креира амбиент за вработување, работодавците да креираат побарувачка за продажба на производи и услуги. А заводите за вработување да посредуваат меѓу невработените и работодавците. Во целиот тој ланец нема никој кој посебно е заинтересиран за вработување на луѓето” – додава тој.

Ниска флуидност на работната сила

Програмскиот директор на здружението GEA Огњен Џукиќ, кој се бави со проблематиката на невработеноста на младите лица, вели дека состојбата е исклучително тешка. Причини за општата невработеност на младите има многу, а недостигот на една, на здрави основи втемелена политика на економскиот развој, го гледа како проблем кој во иднина ќе произведе уште повеќе нерешеливи проблеми.

„Причини за големата невработеност на младите се недостиг на работни места, непостоење на соодветна економска политика во земјата, лоша даночна политика, која се води на сите нивоа на власта и спроведување на економска политика која не одговара на барањата и потребите на младите за вработување”.

Погрешното даночување на трудот и несоодветното образование се причини зошто флуидноста на работната сила на босанскиот пазар е исклучително ниска, исто како што се тоа и причините поради кои многу млади, а школувани луѓе ја напуштаат земјата во потрага по вработување. Феноменот на заминување во странство на луѓето помлади од 30 години, Џукиќ го гледа како исклучително негативен, бидејќи земјата ги губи работно способните, фертилни и школувани жители.

Како илустрација на тој незапирлив процес го наведува градот Добој од кој младите луѓе континуирано се иселуваат.

„Во Добој дневно се поднесуваат над сто барања за издавање на потврди за неказнетост само од една причина, за заминување во странство” – јасен е Џукиќ. Како голема пречка во решавањето на проблемот на невработеноста на популацијата на младите луѓе Џукиќ гледа и во целосно непостоење на претприемачка активност и недостаток на деловен дух. Таа многу раширена амбивалентност во однос на економските услови е засилена со непостоењето на вистинско деловно опкружување и негативна сенка, која на сите економски процеси ја фрла гломазната и добро платената државна администрација.

Притисок на јавниот сектор

Ако еден од големите проблеми е невработеноста и економската неразвиеност, недостигот на поддршка за поттик на развој на приватните фирми, тогаш економски неодржливото зголемување на јавниот сектор е процес кој дополнително го комплицира „здравиот” процес на вработување на младите лица.

Проект менаџерот на OKC за вработување и претприемаштво, Анте Јуриќ Маријановиќ вели дека притисокот на јавните институции и јавните претпријатија е голем, а причините се сосема јасни.

„Работа во јавна институција, или во јавно претпријатие е работа која нуди безбедност, добра плата, а покрај тоа, меѓу младите, владее перцепцијата дека не се бара голем работен ангажман” – додава тој.

Еден од начините да се реши проблемот на невработеноста на младите е јакнење на комуникацијата меѓу тие кои бараат работни места и тие кои на пазарот на трудот нудат вработување. Младите луѓе често се неинформирани за потребите на пазарот за занимањата, а работодавците не успеваат да сфатат што младите и школувани луѓе очекуваат од вработувањата. Маријановиќ вели дека посредувањето меѓу тие две групации е еден од начините да се почне да се решава проблемот со невработеноста.

„Сопствениците на компаниите мора да кажат што очекуваат од дипломираните студенти, а студентите мора јасно да кажат што ги интересира во идната работа” – објаснува тој.

Проблемот со невработеноста на младите во босанскохерцеговската популација е проблем кој нема да може брзо и едноставно да се реши. Многу млади кои завршуваат факултет и стекнуваат стручно профилирани знаења, никогаш не добиваат прилика за вработување и тоа е причина поради која ја напуштаат земјата во се помасовен број.

Реформи нема да има

Државата, ако сака да почне да го решава проблемот на невработеноста на младите лица, мора итно да спроведе низа економски и општествени мерки. Неопходно е да се делува со позитивни законски мерки, со усвојување на позитивни правилници на деловно однесување, со воведување на закони кои ќе го олеснат работењето, а потоа да прави се за поттик на приватното претприемаштво и создавање на поволна деловна клима.

Општеството, од друга страна, треба да престане да негува илузии дека државата „е должна” на секого да обезбеди работа и лагодна егзистенција, исто како што е неопходно да почне да промовира една сосема нова работна етика, велат соговорниците на Ал Џезира. Сепак, сметаат дека до такви „коренити” општествени реформи нема да дојде во блиска иднина и мислат дека Босна и Херцеговина уште долго ќе се бори со акутно високата стапка на невработеност на младите луѓе.