Македонија
23. February 2024 - 16:46

Крадци ги празнат возилата додека граѓаните чекаат за документи

Додека внатре чекаат за документи, надвор крадци им ги празнат автомобилите. Паркингот пред МРТ прерасна во главен работен простор за разбојниците. Според податоците на МВР, од почетокот на годинава, секоја недела се случувала по една кражба. Последната е регистрирана синоќа. Најчесто, крадците кршат прозор да стигнат до пленот.

Чанти, паричници, мобилни телефони се најчесто мамка за крадците од автомобили. Неретко, нивна мета се и кеси со штотуку купена облека и обувки.

Преполниот паркинг и исклучените улични светилки, на разбојниците им овозможуваат да бидат целосно невидливи за околината. Дел од граѓаните да спречат грабеж во возилото, ги користат своите службени обележја. Други пак, ја знаат лекцијата – во внатрешноста на возилото, велат, не се остава ништо! 

„Ништо не оставам. Излегувам од кола, гледам да е безбедна. Друго, работа е на тој што го интересира. Мојата кола е затемнета, меѓутоа и тоа не е гаранција. Има начин како да види таму кај е затемнето....Привлекува внимание и ако е нешто оставено на видливо место. Ташна, фотоапарати или технички уреди. Би требало луѓево сами да внимаат бидејќи после, оди па фати го крадецот. Полицијата треба да биде присутна не само за вакви кражби, туку за целосната состојба. Паркирани коли каде што не треба, нема патролна полиција да опомени, да реагира, нема позорникари заради безбедност на улиците. Полицијата има многу поголема улога што треба да ја прави, а не само да обезбедува дипломати, манифестации. Мислам дека треба да се многу поприсутни“, велат анкетираните граѓани. 

Дека заборавените предмети во празен автомобил се силна мамка за крадците потсетува и полицијата. Неодамна посетители на Водно добија летоци како нивното возило да не стане мета на разбојниците.