Македонија
19. July 2022 - 16:37

Ковид пандемијата негативно влијаеше на децата со проблеми во говорот

Децата од предучилишна возраст често се соочуваат со потешкоти во изговарање на гласовите л и р како и с, з и ш, но и со задоцнет говор. Постојат повеќе причини за патологија во говорот, но најчести се генетските предизпозиции, бебешкото говорење од страна на родителот кон детето како и електронските уреди. Особено тоа дојде до израз за време на пандемијата, велат логопедите.

- Состојбата со задоцнувањето на говорот, неправилностите во говорот и одредени други потешкотии кои само не се дислалија, односно се развојни проблеми или потешкотии во говорот кај деца со аутизам, или друга патологија, се од неколку други фактори: можно е да имаме генетска предиспозиција се преврла од родител на дете, бебешкото зборување од страна на родителот, значи родителите се галат најчесто со своите деца, меѓутоа не треба да биде така, родителот треба правилно да му кажува на детето за детето да го восприеми говорот и да може правилно да се изразува. Исто одредени психолошки проблеми, пандемијата ни направи еден дополнителен период во кој што родителите беа изолирани со своите деца, не комуницираа со своите врсници, телефоните, телевизијата, така што не е еден фактор, можат да бидат повеќе причини за патологија во говорот, изјави Анета Ѓорѓиевска, логопед.

Затоа е важно родителите да забележат навреме, доколку има патологија на говорот и да се обратат до стручните лица, односно до логопед. Ѓорѓиевска вели дека родителот мора да знае дека детето треба повеќе време да поминува во игра или друга занимација, отколку на телефон или таблет.  

„Помалку децата да играат на телефони, помалку да гледаат телевизија, повеќе разговор, детето да игра со врсници, шетање во природа, разговарање, децата ќе научат и јазик дополнителен, ќе научат се што треба, само треба да го разбираат тоа нешто и да ги правиме работите согласно возраста, значи да не ги тортурираме децата и да очекуваме дека ќе бидат некакви феномени, мислејќи дека разбираат многу бројки, разбираат многу комјутери, а практично основното средство за комуникација и социјализација го нема, вели Ѓорѓиевска.

Најголемите проблеми кои што ги имаат децата се неправилно произнесување на гласовите, супституција, заменување на гласовите, немање на одреден глас.