Македонија
11. October 2022 - 16:34

Ковачевски за 11 Октомври со порака: Блокадите на закони и евроинтеграции се погрешната страна денес

Македонија секогаш била и треба да остане на вистинската страна. Тоа значи Европа, европски стандарди и вредности, но со домашни блокади и опструкции, овој напредок нема да биде можен.

Пораката стигна од премиерот Ковачевски, на одбележувањето на 11 октомври – Денот на народното востание. Во говорот од централната свеченост пред Спомен костурницата во Куманово, Ковачевски потсети на партизанските жртви во антифашистичката борба, споменувајќи дека и тогаш, како и денес, да се постигне напредок – значи да се има целосно обединување.

Но, тоа мометално не е случај и ваквото однесување не е вистинската страна, потенцираше премиерот.

“Блокадите на закони и мерки дома, на напредокот на меѓународен план,  изолацијата на државата - се погрешна страна! И со ништо не може да се оправда ваквото однесување, бидејќи е современ чин на предавство на својот народ и својата држава. Ако прифатиме дека значењето на антифашистичката борба е безвременско и државничко, дека е одраз на континуитет и бара континуитет, тогаш европскиот напредок на Република Северна Македонија е нашата вистинска страна и нашата битка кон успехот на тој план”

Во говорот во кој премиерот два пати ја употреби придавката Северна, шест пати ја изостави и ниту еднаш не го спомна бугарски фашистички окупатор, Ковачевски потенцираше дека со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција, нашата држава во 1941-та година застанала на страната на слободата, на правдата, на целокупното прогресивно човештво, односно против уништувачкиот фашизам и нацизам во светот.

Данокот што го плативме во крв беше голем, но денешна Македонија постои благодарение на ова 11-октомвриско победничко антифашистичко движење, продолжи Ковачевски.

Токму затоа, имаме обврска и аманет да останеме на вистинската страна и да носиме мудри одлуки.     

“Свесен сум за загриженоста што ја предизвикуваат обидите за спорадични и иритирачки провокации, коишто повремено и намерно се стимулираат во земјава, од страни, чиишто интерес се реакции - спротивни на остварувањето на нашите државни стратешки цели, или со подлабоки мотиви. Но, ние сме целосно посветени на заштитата на државните интереси и кон институционални решенија, согласно законите и европското поведение и на овој начин ќе се справуваме со таквите предизвици”

Нека разберат клетите фашисти Македонско име нема да загине. Со овој цитат од химната на македонските партизани својот говор го започна градоначалникот на Куманово, кој за првпат откако беше исклучен од СДСМ, се најде на заеднички настан со нивниот партиски врв. 

“На овој ден, пред точно 81 година, нашите храбри кумановци, но и граѓаните на Прилеп, го означија почетокот на борбата за слободна и независна Македонија. На овој ден, пред 81 година почна македонската револуција и отпор против германскиот, бугарскиот, италијанскиот фашистички окупатор.

Денес, кога во Македонија како печурки никнуваат клубови, спонзорирани од други држави, кои ги носат имињата на тогашните соработници и партнери на фашизмот, ќе го цитирам првиот македонски претседател Киро Глигоров „Македонија е се што имаме”

Но вечниот дом на околу 300 борци не ја отсликува нивната големина и жртва. Споменикот е оштетен, а фалат плочи со нивните имиња.

“Ова е под надлежност на Министерството за култура, имаше ветувања, но до ден денес овде шајка не е закована”

Димитриевски откри дека обновата на споменикот била првата работа која му ја кажал на премиерот на денешната свеченост, барајќи од него да обезбеди средства во буџетот за оваа намена.