Македонија
23. February 2022 - 16:39

Ковачевски: Владеење на правото и транспарентност се меѓу нашите приоритети

Зголемувањето на транспарентноста на институциите е клучна за подобри услуги за граѓаните и поголема контрола на трошењето на јавните пари. Ова е заклучокот од денешната конференција на која се презентираше акцискиот план за Партнерство за отворена власт. За премиерот главен приоритет се реформите за отворени институции во служба на граѓаните.

„Преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност ги доближивме институциите до граѓаните и ги вклучивме во процесите за креирање на сите владини политики. Во новиот национален акциски план се фокусираме на заложби кои ќе водат кон унапредување на транспарентноста и отчетноста, борбата против корупцијата, достапноста и квалитетот на јавните услуги, пристапот до правда и заштитата на животната средина и климатските промени“, вели премиерот Димитар Ковачевски.

И властите и граѓанските организации оценуваат дека преку алатките за транспарентност, како на пример Отворени финансии, јавноста има увид во трошењето на парите, што придонесува во намалување на корупцијата.

„Партнерството за отворена власт претставува доброволна меѓународна иницијатива за спроведување на конкретни заложби од страна на владите кон своите граѓани, со цел да се промовира транспарентноста, да се поттикне граѓанското учество, да се засили борбата со корупцијата, да се засили искористувањето на новите технологии, а сето тоа со една крајна цел, да го зајакнеме доброто владеење“, вели Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондација Отворено општество-Македонија.

Партнерството за отворена власт меѓу Владата и граѓанските организации функционира веќе десет години и резултира со поголема транспарентност на институциите и вклученост на јавноста во носењето одлуки и креирањето политики.