Ковачевски: Од пратениците очекувам да размислуваат државнички, а не само на партиите
За одлуката во Собранието, очекувам плодна и суштинска дискусија, очекувам дека пратениците ќе бидат на ниво на задачата, која е пред нив и дека ќе размислуваат државнички и трезвено, како им доликува, како претставници на народот, а не само на политичките партии, изјави денеска во интервју за МИА премиерот Димитар Ковачевски, во врска очекувањата од утрешната седница во Собранието, на чиј дневен ред е францускиот предлог.
Ковачевски нагласи дека во Собранието најпрво ќе се отвори дискусија, а потоа и ќе се донесат заклучоците, со кои ќе се задолжи Владата да постапува согласно одредени принципи од кои нема да смее да отстапи, а сѐ со цел заштита на позициите, кои, како што рече, нам како држава ни се најважни во целиот овој процес.
– Во оваа насока, СДСМ прави напори да дојде до предлог заклучоци кои би биле прифатливи за сите партии, а кои ќе го отворат патот за прифаќање на предлогот и ќе овозможат отпочнување на преговорите, нагласи Ковачевски.
На прашањето зошто воопшто вакви заклучоци, доколку тие немаат влијание врз предлогот, Ковачевски вели дека заклучоците кои ќе се донесат практично ќе ја задолжат Владата на Република Северна Македонија, во процесот на преговори да води исклучителна грижа за нашите црвени линии, односно да се обврзе на заштита на националниот идентитет и сите наши специфичности да бидат зачувани и заштитени.
– Ние знаеме кои сме и тоа никој никогаш не може да го смени. Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик и имаме специфични културни обележја, традиција и обичаи кои си ги негуваме и почитуваме секојдневно. И со таа мисла и на тој начин го правиме првиот чекор кон ЕУ, така и ќе влеземе во ЕУ, како Македонци со нашиот македонски јазик и идентитет, изјави Ковачевски во интервјуто за МИА.
На прашањето дали навистина се заштитува македонскиот јазик и стравувањата дека постојат замки, особено со унилатералната изјава, Ковачевски одговара дека со отпочнувањето на преговорите, целосното законодавство на ЕУ ќе се преведе на македонски јазик.
– Секој искажан или напишан збор, ќе биде кажан и напишан и на македонски јазик. Поголема потврда и заштита за важно идентитетско прашање од ова нема. Со ова се затвора еднаш за секогаш темата со идентитетот, додава тој.
За протоколот, дали е усогласен, дали го видел и кога ќе и биде достапен на јавноста Ковачевски одговара: „Најпрво, сакам да е кристално јасно – протоколот е всушност записник од состанок меѓу министерствата за надворешни работи, билатерален документ кој не ја условува преговарачката рамка. Всушност, протоколот воопшто не е ни споменат во преговарачката рамка. Дотолку повеќе протоколот потврдува дека тој не е поврзан и не ги условува почетокот на преговорите. Од таа причина, апелирам да не се шпекулира и за содржината и за важноста на овој документ“.
Премиерот вели дека она што е важно да се знае за протоколот е дека тој се работи на база на реципроцитет.
– Ние инсистираме на тоа. Тоа значи дека обврските или задачите кои ќе си ги поставиме ние и Бугарија како две држави, билатерално, тие важат и за двете страни. Никој нема мандат да прифаќа еднострани барања ниту пак може да дејствува по нив. Реципроцитетот како принцип е основа за сѐ што се работи, додаде Ковачевски.
Во интервјуто Ковачевски се осврнува на протестите, на можноста за приближување на ставовите со опозицијата, на стабилноста на владината коалиција, но и на економски теми во момент кога во Собранието се носи ребалансот на буџетот, а се очекуваат и соодветни одговори на економската криза.
Силни охрабрувања слушаме деновиве од високи претставници на ЕУ и САД за прифаќање на францускиот предлог. Германскиот премиер Шолц излезе и со емотивна порака дека ЕУ сака да не види внатре, како и дека тешките компромиси секогаш водат напред. Пo дефиниција преговорите се компромис, исто како што е компромис и самиот влез во ЕУ. Да се биде внатре дел од европското семејство или надвор од ЕУ?
– Северна Македонија има големи пријатели во Европската Унија и САД. Тие се наши стратешки партнери со кои од независноста до сега имаме силна соработка и недвосмислена поддршка за реализација на нашите цели како држава. Од таа позиција, тие знаат колку е важно да ги започнеме преговорите со ЕУ што ќе значи нова ера на забрзан развој, забрзан и одржлив економски раст и сигурна иднина на следните генерации.
Сите наши големи и историски одлуки беа базирани на компромисни решенија, тие водат напред, но воедно бараат лидерство и храброст, мудрост како и одговорност. Лично верувам и сум убеден дека од овој процес ние ќе излеземе како посилни, постабилни и забрзано ќе грабиме кон заедничка поперспективна иднина.
Ние сме земја која сака да стане членка на ЕУ. Во моментов, кога нашите позиции се искажани однадвор, само како земја кандидат, без преговарачки статус, позицијата на масата не е рамноправна, балансот е сосема поинаков. Кога Северна Македонија ќе седне на иста маса со Германија, Франција, Чешка, работите ќе може појасно, погласно и од исто рамниште да се презентираат. Ние тогаш ќе сме рамноправни и од таа позиција и посилно и поефикасно ќе ги браниме нашите ставови. Добиваме можност од позиција на земја која преговара со ЕУ да ги промовираме нашите позиции на повисоко ниво, искористувајќи ги можностите кои се нудат со почетокот на преговорите.
Премиере, каде е компромисот за Северна Македонија со францускиот предлог, МНР постојано усогласува и преговара, а кој е компромисот на Софија? Интересно е дека Еди Рама, Александар Вучиќ не кријат дека нешто се добива, нешто се губи, имаме ли информација каква е преговарачката рамка за Албанија на пример. Дали и таму влегуваат билетаралните несогласувања на Албанија со Грција, која исто е членка на ЕУ или ова е специјален однос на Брисел само за Северна Македонија и има ли рок до кога Скопје треба да се изјасни за предлогот?
– Секоја преговарачка рамка е специфична сама за себе и одговара на приликите на секоја земја поединечно.
Конкретно, она што е добро за нас, а што ние во изминатиот период сме го испреговарале и сме го договориле да е во наша полза, односно за кое бугарската страна отстапила, е на пример јасната позиција за јазикот. Ако се сеќавате, бугарската страна воопшто не сакаше да има назнака за македонскиот јазик во ниту една форма. Ние денес имаме чист македонски јазик во преговарачката рамка. И тоа не само што не е мала работа, туку е суштествена за нас како држава. Ние успеавме од неповолна позиција, знаејќи дека тоа се нашите црвени линии, да дојдеме до решение кое е апсолутно позитивно за нашиот народ.
Дополнително, Бугарија, дури и во драфт предлогот кои ние го одбивме во Брисел, беше на став дека треба да се промени Уставот за да се внесат Бугарите пред почетокот на преговорите, дека без таа промена, за нас преговорите не можат да почнат. Официјалниот предлог на Европската Унија сега предвидува најитно започнување на преговорите, успеавме да најдеме решение, односно, уставната промена треба да се случи по отворањето на преговорите, после фазата на скрининг, а пред отворањето на поглавјата.
Исто така, работната верзија на францускиот предлог, кој јас јавно го одбив во Брисел, предвидуваше протоколот да биде целосно споменат, односно предвиден да биде ставен во преговарачката рамка. За отворањето на поглавјата пак, беше оставено да се одлучува повторно и дополнително, односно беше предвидено да не се отворат поглавјата по автоматизам.
Ова за нас не беше прифатливо и низ дијалог и преговори, успеавме да ги заштитиме нашите позиции. Протоколот го нема во преговарачката рамка, отворањето на поглавјата е загарантирано по автоматизам со случувањето на првата меѓувладина конференција, а по промените во Уставот, без нови политички одлуки и без одлагање.
Францускиот предлог сега е пред пратениците, имаше забелешки од опозицијата дека документите не се комплетирани, материјалите вчера беа испратени. Прво беше проблем зошто Владата да решава, а не народ односно пратениците, сега е во Собрание и велат да се врати. Какви се вашите очекувања од собраниската седница?
– Опозицијата, за жал, едноставно нема капацитет за државничко однесување. Тие воопшто не се заинтересирани за суштинска дискусија за европскиот предлог, со кој ни се нуди почеток на преговорите. Тие бараа да се изменат четири позиции во предлогот кои всушност се веќе инкорпорирани. Нивните изјави и барања се чиста манипулација.
Погледнете ги нивните изјави во последно време, одбијте го предлогот, а ние ќе отстапиме од барањето за предвремени избори и ќе го одблокираме Собранието. Тоа кажува само едно, дека нивната единствена цел е власта, само за тоа разговараат, само тоа се нивните барања. Не ги интересира воопшто иднината на државата и можностите кои се отвораат пред нас.
Истото се случува и со хистеријата за бугаризација и асимилација. Ниту се случува ниту ќе се случи некаква бугаризација, ниту асимилација. Од проста причина што никој нам не може да ни направи ништо и без наша волја. Досега низ историјата ниту некој успеал да нѐ асимилира, ниту нѐ асимилирал, ниту пак ќе се случи да нѐ асимилира. Ние знаеме кои сме и тоа никој никогаш не може да го смени. Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик и имаме специфични културни обележја, традиција и обичаи кои си ги негуваме и почитуваме секојдневно. И со таа мисла и на тој начин го правиме првиот чекор кон ЕУ, така и ќе влеземе во ЕУ , како Македонци со нашиот македонски јазик и идентитет.
Ново на Сител
-
Едно лице загина, 13 се повредени во напад на руски дрон врз Одеса
-
„Ел Гол Дигитал“: Голем број ѕвезди на Реал се изјаснија за оставка на Анчелоти
-
Голема акција: Запленети 6,2 килограми марихуана, 442 таблети екстази, пиштол, куршуми
-
Палестинскиот претседател подготвен на соработка со Трамп за завршување на војната во Газа
-
МВР: Лишен од слобода криумчар на мигранти
-
Сеизмолошка опсерваторија: Регистриран земјотрес од 2.8 степени по Рихтер
-
Земјотрес со јачина од 2,9 степени регистриран во околината на Ресен
-
Пелоси го обвинува Бајден за поразот на Харис и демократите