Ковачевски од Брисел: Ни треба брзо но не и избрзано решение со Бугарија
Важна е рамнотежата меѓу брзо и квалитетно решение за проблемот со Бугарија. Во интервју за МИА, по првата посета на Брисел како премиер, Димитар Ковачевски вели дека надежите се оти до крајот на француското претседателство на 30 јуни, ќе биде крената блокада за земјава од бугарска страна, но тој одбива да лицитира со датуми затоа што Макеоднија пречесто се удирала од тој ѕид.
Она што исто така го разговаравме тука е дека решението на прашањата треба да биде во духот на европските вредности, на взаемно почитување помеѓу двете држави и на задржување на достоинството на граѓаните и во едната и во другата држава. Кога ќе имаме такво решение тогаш ќе можеме да кажеме дека е нешто што може да се сподели, јас не би се врзувал за датуми. Јас велам дека ни треба брзо решение со оглед на тоа дека сме заслужиле отворање на преговорите со ЕУ, но секако не ни треба избрзано решение бидејќи решението коешто ќе се постигне треба да претставува основа за иднината пред нас како за добрососедските односи, така и за водење на преговорите и полноправно членство во ЕУ, вели премиерот на Северна Македонија во интервјуто за МИА.
Ковачевски испрати и порака до европските партнери дека одоговлелкувањето на процесот го заморува општетсвото, но отвора врата за други големи сили кои не се заинтересирани Македонија и регионот да се приклучат кон ЕУ.
Дали притоа, ЕУ прави политички или економски притисок врз Бугарија, премиерот не сака да коментира.
-Јас не можам да дадам коментар во однос на тоа бидејќи сепак јас ја претставувам Република Северна Македонија тука, мислам дека не би требале да зборуваме за притисок тука бидејќи јас и премиерот на Република Бугарија имаме комуникација што е позитивна, којашто се базира на меѓусебна доверба и на меѓусебна почит, и состаноците коишто јас ги имаме со претседателите на институциите во ЕУ и тој има исти такви состаноци, на коишто ние споделуваме она што го прават нашите работни групи и коишто се движат во позитивна насока во однос на соработката и во однос на враќањето на довербата меѓу двете држави, рече за МИА премиерот Димитар Ковачевски во неговото прво интервју од Брисел.
По првата посета на Брисел, Ковачевски е уверен дека постои високо ниво на посветеност земјава да ги почне преговорите и при тоа да ја добие целата потребна поддршка за проведување на реформите во земјава кои ќе донесат зголемување на квалитетот на животот, подобрување на нивото на услугите што граѓаните ги добиваат, и подобрување на сите сфери на живеење во државата.
-
Наташа Хаџиспиркоска Стефанова
Сите содржини од овој новинар