Ковачевски: Имаме најниска цена и најнизок пораст на цената на струјата во земјите од регионот и пошироко
Енергетската криза која што ја имаме е предизвикана од екстерен фактор. Се работи за европска енергетска криза која што јас ја нарекувам финансиско-енергетска, бидејќи електрична енергија има, меѓутоа нејзината цена е неколкукратно зголемена, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски од Битола.
Нагласи дека во нашиот електроенергетски систем 30 години не е вложено во нов капацитет ако се изземат хидроцентралата „Св. Петка “и ветерниците коишто беа направени во Богданци.
-Цели 30 години ние практично сме на капацитетот којшто е проектиран и изграден во времето на бившата СФРЈ. Заради неговата дотраеност, бидејќи се работи за капацитети над 50 години старост, работниот капацитет практично е многу помал од тоа што се потребите. Затоа како одговор на кризата која што во моментов владее со Европа во делот на енергетиката, Владата донесе конкретни мерки, а тоа е одржување на ликвидноста на компаниите во енергетскиот сектор преку интервенции од Буџетот. Второ, ставање во погон на сите расположливи капацитети со коишто располагаме – РЕК Битола, Осломеј и пуштање на ТЕЦ Неготино којшто исто произведува сега електрична енергија, како и користење на другите алтернативни, односно обновливи извори на енергија, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешното поставување камен-темелник на новиот 400 киловолтен далекувод кој ќе тргнува од трансформаторската станица „Битола 2“ и ќе води до македонско-албанската граница.
Во иста насока, додаде, се изврши и субвенционирање на цената на електричната енергија за граѓаните за да немаме ценовен шок.
-Имаме најниска цена на електрична енергија и најнизок пораст на цената на електричната енергија во земјите од регионот и пошироко. Воедно, секогаш кризата може да претставува и можност и затоа отпочнавме со инвестиции во обновливи извори на енергија, во зелена транзиција коишто веќе се реализираат. Една веќе е реализирана во рамките на ТЕЦ Осломеј, други се веќе во фаза на изградба, како и во фаза на договарање со големи компании како ВПД, Ку Енерџи итн, рече Ковачевски.
И денешниот настан, како што посочи, е дел од инвестициите во енергетиката.
-На овој начин стануваме крстосница во однос на електроенергетскиот пренос на Балканот и во регионот при што електричната енергија која што се произведува во Република Бугарија ќе може да транзитира низ Република Северна Македонија во Албанија и понатаму на пазарите во Италија преку подводната конекција која што постои, појасни Ковачевски.
Од тоа, како што кажа, сите компании ќе имаат бенефит од трговијата со електрична енергија која што ќе се одвива непречено со завршувањето на овој проект.
-Второ, самиот капацитет на преносната мрежа преку изградба на нови трафостаници и на нови 400 киловолтни далноводи дава можност за нови инвестиции во Република Северна Македонија. Во таа насока веќе е направен и првиот чекор за почеток на можната реализација со нашето учество во изградбата на гасниот терминал во Александрополи каде што имаме удел. Со тоа ќе обезбедиме диверзификација на снабдувањето со гас, бидејќи во моментов сме зависни само од рускиот гас. Диверзификацијата во секој случај значи позитивно влијание како врз економијата, така и на сите компании во неа, рече Ковачевски.
Потсети дека во моментот кога Хрватска го направи гасниот терминал цената на рускиот гас на хрватскиот пазар се намали за 35 проценти.
-Ова е стратешки проект којшто заедно со сите вакви проекти треба на државата да и овозможи енергетска транзиција и одлуки коишто нема да значат само бенефит за една година или две, туку ќе значат бенефит за идните генерации коишто живеат и коишто работат во нашата држава, порача премиерот Ковачевски.
Ново на Сител
-
Трипуновски: Историски 500 денари за килограм тутун за прва класа
-
Слаб снег на Плетвар, магла на патот Тетово - Попова Шапка
-
Тешко повредени двајца градежни работници од Скопско
-
Македонија против Полска во баражот за пласман на СП 2025
-
Јаневска: Секој граѓанин треба да ги знае и почитува државните симболи
-
Уште еден случај на опожарено возило - овој пат во Ѓорче Петров
-
Околу 7.600 Сиријци се вратиле од Турција по падот на Асад пред една недела
-
Тошковски: Во премногу рана фаза сме за да навлегуваме во детали за истрагата во Судскиот совет