Ковачевски-Абдрахманов: Северна Македонија е подготвена да го преземе претседавањето со ОБСЕ во 2023

Премиерот Димитар Ковачевски денеска прими висока делегација од ОБСЕ предводена од високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Каират Абдрахманов, придружуван од шефот на мисијата на ОБСЕ во нашата земја амбасадорот Клеменс Која.
Како што информираат од владината прес-служба, на средбата високиот комесар му упатил срдечни честитки на премиерот Ковачевски по повод стапувањето на должноста претседател на Владата и изразил надеж за понатамошна успешна и плодотворна соработка.
– За време на разговорот беше потврдена цврстата определба на Владата на Република Северна Македонија за заштита на човековите права, функционирањето на правната држава и посветеноста на продолжување на реформскиот процес, владеење на правото, подобрување на капацитетите на судскиот систем, јакнење на борбата против организираниот криминал и корупцијата, и родовата еднаквост, посочуваат од владината прес-служба.
Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ Каират Абдрахманов потенцираше дека ОБСЕ има одлично партнерство со Република Северна Македонија во изминативе три децении и подвлече дека тоа е значаен влог во европската иднина на земјата. Тој го издвои големиот успех и пријателски дух со кој Владата на Северна Македонија ги решава билатералните спорови со соседите и изрази надеж дека овој тренд ќе продолжи и во иднина, наведуваат од владината прес-служба.
На средбата премиерот Ковачевски ја изразил својата увереност дека Владата на Република Северна Македонија воочи претстојното претседателството со ОБСЕ ќе продолжи да ги негува вредностите на праведно мултиетничко општество со еднакви можности за сите согласно стратегијата „Едно општество“.
– Годината 2023 ќе биде мошне важна и за Северна Македонија и за ОБСЕ и се надевам дека за време на нашето претседателство со ОБСЕ, кое што ќе го преземеме идната година, ќе имаме целосна соработка и ќе се посветиме на решавање на важни прашања, потенцираше премиерот Ковачевски.
Ново на Сител
-

Пораки и ветувања од кандидатите спроти изборниот молк утре на полноќ
-

Тема на денот со Томе Христовски, кандидат за градоначалник на Крушево од СДСМ
-

Вечерва завршен митинг на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Скопје
-

Арсовска сепак назначи нов директор на Kомунална хигиена
-

Дистрибуиран гласачкиот материјал, во четири општини нема да се гласа
-

Меџити не исклучува Села да влезе во Владата, тој пак, тврди дека останува опозиционер
-

Капитални проекти, парична помош за пензионери, смарт осветлување се дел од проектите на кандидатите за скопските општини
-

Една претставка за изборите стигнала во КЗСД – утре ќе одлучуваат и за случајот со кичевскиот градоначалник Дехари
