Костенот едно од традиционалните бележја во Македонски Брод
Во М. Брод по 18 пат се одржа манифестацијата Костенијада или Фестивал на костенот. Костенот е најпознатиот бренд на Поречието кој го има и на грбот на оваа Општина.
Манифестацијата низ годините прерасна во вистинска атракција каде во нејзин состав се одржуваат изложби на рачни ракотворби од костени, а има и богата културно уметничка програма со играорни друштава од цела Македонија.
Туристи доаѓаат од сите околни градови.
„Фестивал на костенот се одржува во центарот на градот, на нашиот плоштад и е навистина многу посетен од многу гости од цела Македонија. И оваа година имаме најавено голем број на гости кои ќе ја посетат нашата Костенијада“, вели Даница Ацкоска, в.д. директор на Дом за култура Македонско Брод.
Костенот претставува и значаен земјоделски продукт од кој доста добро се заработува. Особено Поречкиот костен е еден од најбараните во Македонија и идната година општината планира да го брендира.
„Со самото брендирање кога би излегле на европските пазари би биле посилни и нашиот костен, или медот од костен би можел да има поголема пазарна вредност“, додаде Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.
Во најлопите години се собираат 300 тони годишно костен од Поречието, но секогаш половината останува несобран поради тешко пристапниот терен и поради тоа младите не сакаат да го собираат.
Постарите жители велат дека се задоволни од исплатливост и велат дека ако се обновата старите шумски патишта кои сега се образнати со вегетација уште повеќе ќе се заработува.
„Се исплати, еве сега моментално костенов е од 150 до 200 денари, а денес можеш да себереш ако е исчистена нивата, дотерана како што треба и до 100 килограми костени“, кажа Митко Митаноски, собирач на костени.
„Има голем недостаток на костени, бидејќи многу се барани, не можеме да ги задоволиме муштериите на пазарот.
Костенот го продаваме вака најчесто по пазарите, а некогаш доаѓаат и го откупуваат и на големо“, додаде Александар Милески, собирач на костени.
Тука е секако е и медот од ова Подрајче кој годинава го има во рекордни количини и се доста се бара.
„Нема фабрики, нема загаденост, дефинитивно тоа е еден од најголемите предуслови за пчеларење“, истакна Магда Милошеска, пчелар.
„Ние околу 2 тона годинава извадивме. Пчелариме од 2010 година, но моментално во нашиот реон ова е најмедоносна година“, вели Перо Милески, пчелар.
Со добра стратегија костенот, медот и другите продукти од ова подрачје може да го зголемат приходот на земјоделците од овој крај и тоа многукратно повеќе за разлика до сега.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
