Македонија
20. May 2025 - 14:25

Костадиновски: Во овој момент нема правно правило по кои услови независните кандидати ќе учествуваат на изборите, во најскоро време да се пополни оваа празнина

Уставниот суд со мнозинска одлука на судиите ги укина оспорените одредби од измените и дополнувањата на Изборниот законик, оценувајќи дека се направени во скратена постапка, нетранспарентно, без јавна расправа и дискусија на собраниска седница, непосредно пред одржувањето на изборите во 2024 година, што појавува сомнеж дека овие измени во суштина се направени исклучиво во интерес на политичките партии со единствена цел да се намали бројот на независните кандидати на самиот почеток на изборната трка, изјави претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски. 

Костадиновски, на прес-конференција по денешната седница на Уставниот суд на која ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори, нагласи дека станува збор за укинувачка одлука, а не за поништувачка одлука, што значи дека претходното правно правило не оживува и дека законодавецот „во најскоро можно време треба да пристапи и да ја пополни оваа правна празнина“. 

- Во спротивно, евентуалното непостапување на законодавецот би значело дополнителна повреда и дополнително стеснување на основните слободи и права на човекот и на граѓанинот и тешка повреди на политичкиот плурализам, сите темелни вредности на нашиот правен поредок, изјави Костадиновски, нагласувајќи дека „во овој момент нема правно правило по кои услови независните кандидати ќе учествуваат на изборите“.

Прашан како оваа одлука ќе влијае на претходните избори, Костадиновски рече дека одлуката нема ретроградно важење и стапува на сила од моментот на објавување со Службен весник.  

Уставниот суд, во поглед на формата, оценил дека измените на Изборниот законик не се технички, туку суштински. 

- Не е техничка замена на една бројка, со друга, туку станува збор за промена на условот со кој граѓаните како изборни субјекти можат да предлагаат кандидатски листи за учество на изборите и последиците од таквите измени ги засегаат директно правата на граѓаните да предлагаат кандидати, да има независни кандидатски листи, изјави Костадинвоски.

Во поглед на материјалната, Костадиновски посочи дека станува збор за повреда на политичкиот плурализам, кој претставува темелна вредност на уставниот поредок. 

- Државата треба да овозможи ефективно изразување, подеднакви и фер услови на изразувањето на политичката мисла од било кого, не само за политичките партии, него и од граѓани и интересни групи. Да обезбеди еднакви и фер услови за демократски и политички натпревар, што за жал со укинатите сега одредби не е сторено. Значи се повредува и пасивното и избирачкото право на граѓаните, изјави Костадиновски. 

Уставниот суд на денешната седница ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори. Законските одредби, за кои на 26 февруари годинава Уставниот суд поведе постапка, значеа дека независните кандидати и листи за да се најдат на гласачко ливче, треба да соберат потписи од еден отсто од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица (ако станува збор за парламентарни избори) или општина (ако станува збор за локални избори).

Ваквите измени беа изгласани на 7 март 2024 година и требаше да важат за локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава.