Косовската влада го укина реципроцитетот кон Србија
Новата Влада на Косово, предводена од премиерот Авдулах Хоти, одлучи денеска да ја укине одлуката од 20 март годинава за постепено воведување реципроцитет кон Србија и онаа од 30 мај за дополнување и измена на истата, кои ги донесе претходната влада на Албин Курти.
Премиерот Хоти ја оцени денешната одлука како мошне значајна и порача дека очекува соодветна реакција и од српската страна, со цел да се отвори патот за продолжување на дијалогот.
– Донесовме значајна одлука за отстранување на пречките за продолжување на дијалогот. Очекуваме и српската страна да ги отстрани сите пречки, меѓутоа ние го задржуваме нашето право како суверена држава да воведеме мерки за зачувување на нашиот суверенитет, изјави Хоти.
Тој нагласи дека очекува по отстранувањето на пречките да продолжи дијалогот со Србија и дека одлуките ги донел во координација со меѓународните партнери.
– Овие одлуки доаѓаат како резултат на координацијата со меѓународните партнери. Заложбите кои ги презедовме се дека ќе ги укинеме пречките за дијалогот. Отстранети се сите пречки на определен рок. Доколку дијалогот не ги донесе очекуваните резултати, ние го задржуваме правото повторно да ги воведеме, изјави Хоти.
Против денешната одлука гласаа министрите од редовите на Алијансата за иднината на Косово (ААК), чиј лидер, Рамуш Харадинај, во ноември 2018 година, во времето кога беше премиер, ја воведе таксата од 100 отсто на увозот од Србија, што беше причина за прекин на дијалогот меѓу Приштина и Белград.
Таксата на Харадинај ја укина неговиот наследник на чело на Владата, Албин Курти, кој истата ја замени со реципроцитет, наспроти противењата на Соединетите Американски Држави и на дел од косовските политички партии, во прв ред на Демократскиот сојуз на Косово, кој ја формира новата влада предводена од Хоти.
Ново на Сител
-
Два активни пожари денеска - премиерот смета дека тие кај Скопје биле дел од организирана акција
-
Се зголемува бројот на обиди за ин витро оплодување на сметка на ФЗО
-
Златни кратовски денови стартуваа со музичко шоу
-
Реновираниот „Музеј на вода“ повторно блеска
-
Преглед на вестите од светот
-
Арсовска доби 24ч полициско обезбедување, ОЈО побара притвор за напаѓачот
-
Мицкоски: Бугарија врши притисок како Русија врз Украина, не знам до кога Европа ќе има трпение
-
Анкета: Третина од граѓаните сметаат дека работите во Македонија одат во правилна насока