Македонија
18. November 2016 - 9:35

Копродукциската претстава „Прекината одисеја“ ќе се изведува во Полска

 „Прекината одисеја“ - копродукциска претстава меѓу Македонскиот народен театар и полскиот театар „Хелена Моджејевска“ од Легница, во режија на Јацек Гломб и со македонски и полски актери во улогите, по премиерата во Скопје на 17 септември, од денеска до 27 ноември ќе гостува во Полска. 
 
Како што информира МНТ, во Легница претставата ќе се игра на 18-ти, 20-ти и на 25 ноември, на 19 ноември ќе гостува во Горзов Виелкополски на 33. Горзовски театарски собир, на 21 ноември во Вроцлав, во рамки на фестивалот ECOC, на 22 ноември во Валбрзич -   на 14. Валбрзички театарски фестивал, на 23 ноември во театарот „Норвид“ во Јелениа Гора, на 26 ноември во Шлезискиот театар во Катовице  и на 27 ноември во театарот „Уажња нова“ во Краков.
 
-  „Прекината одисеја“ е реализирана преку креативна соработка помеѓу полски и македонски уметници заснована на вистинска, но истовремено и необична приказна. Во 1948 година, од подрачја зафатени со брутална граѓанска војна во Грција, од територијата на Егејска Македонија комунистичките партизани евакуираат македонски деца кои се преплашени, прегладнети и кои страдаат. Поминувајќи тежок пат, еден дел од нив пристигнуваат во Полска. Тука наоѓаат вистински дом. Токму Полска им овозможува да ги лекуваат траумите од војната, им обезбедува образование и животна шанса... Потсетувањето на тој факт не претставува само историска занимливост. Современиот живот нè става пред слични предизвици – и денес не е мал бројот  жртви од секојдневните војни..., наведува МНТ. 
 
Двојазичната претстава (со превод) се состои од два дела. Во првиот дел зборуваат возрасни Полјаци кои воспоставуваат комуникација со децата-бегалци и стануваат нивни старатели. Вториот дел, во кој учествуваат македонските и полските актери, буди спомени од минатото. Тие се сега возрасни и ги анализираат настаните за кои сведочеле како деца.
 
Во македонскиот дел од екипата се актерите: Владо Јовановски, Трајче Ѓоргиев, Томе Витанов, Борче Начев, Сашка Димитровска, Билјана Јовановска, Софиа Насевска-Трифуновска и Снежана Коневска. Музиката е на Горан Трајкоски, кореографијата на Александра Кочовска-Начева. 

Проектот е финансиран од Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска. По премиерата во Скопје пред два месеца, „Прекината одисеја“ беше на турнеја низ Македонија и изведена во  Куманово, Прилеп, Струмица, Велес, Штип, Охрид и во Битола.