Македонија
2. September 2018 - 16:49

Контролорот насилник на ЈСП бил во афект кога го удрил патникот со тупаница

Во ненормална психолошка состојба или афект се наоѓал контролорот на ЈСП кој со тупаница удри патник што се возел без билет. Ова го утврдила внатрешната контрола на сообраќајното претпријатие. Било утврдено дека тој го прекршил кодексот за работа и ќе биде казнет. Сепак од ЈСП не откриваат каква дисциплинска постапка ќе се покрене против него. Според известувањето од јавното претпријатие, контролорот може да добие усна опомена, парична казна или времено да не врши проверка на билети. Од Јавното сообраќајно претпријатие појаснуваат дека патникот кој добил ќотек тврдел оти платил со мобилен телефон ама контролата утврдила дека билетот не бил валиден па било побарано тој повторно да плати за возењето. Тој одбил а не сакал ниту да се легитимира.

„Според исказот на контролорот во нашата внатрешна контрола, патникот почнал да се однесува несоодветно, да ја навредува контролата со погрдни зборови. Во тој момент, во афект, едниот од контролорите го удрил патникот“, се вели во известувањето од ЈСП.

Натепаниот 28 годишен патник, случајот во пријавил во полиција. Според соопштението на МВР, инцидентот се случил на 31 август на линијата со број 15. Градските власти велат дека во изминатиот период има зачестени контроли во автобусите на ЈСП па секојдневно имало инциденти помеѓу патници кои немаат билет и контролорите на сообраќајното претпријатие.

Во делот на ЈСП, градоначалникот Шилегов најави дека од оваа училишна година, сите средношколци ќе добијат бесплатни автобуски билети без разлика на растојанието од домот до училиштето. Претходно само средношколците кои живееа најмалку 2,5 километри од училиштето имаа право на слободна карта. Билетите ќе важат до крајот на школската година.