Македонија
10. February 2022 - 16:38

Коњановски ветува дека воздухот во тегла нема да биде единствениот чист воздух во Битола

Како симбол за зелениот договор, евроамбасадорот Дејвид Гир денеска при посетата на Општина Битола, на градоначалникот Тони Коњановски му подари стаклена тегла која произведува енергија од сончевите зраци. 

-Ние им ги даваме како подароци на нашите партнери, како симбол на зелениот договор на ЕУ, рече Дејвид Гир, евроамбасадор.

-Нема да е тој во теглата единствениот чист воздух кој ќе го имаме, едноставно мора да се грижиме за животната средина, изјави Тони Коњановски, градоначалник на Битола.

На средбата тие разговараа за зачувување на животната средина и обезбедување почист воздух. 

-Прекрасен град, а на овој сончев ден не може да се види сонцето, затоа што кога се доаѓа накај Битола се гледа жолт и црн воздух кој покажува за големата загаденост на општина Битола и целиот град, нагласи Гир.

Се осврна и на РЕК Битола.

-Разговаравме и за еден друг голем проект, како да се направи негова вистинска транзиција, за кој сите сме свесни дека е важен производител на електрична енергија во вашата држава, но како да се направи транзиција кон произведување зелена енергија, рече Гир.

Евроамбасадорот Гир истакна дека тоа е важно заради зачувување на животната средина, но и здравјето на луѓето од регионот.