Македонија
5. јуни 2020 - 19:32

Конфекциите во Штип останаа затворени

Текстилната индустрија на првиот карантински ден во Штип остана под клуч. Пред фабриките беа само оние работници кои имаа закажано тестирање, во рамки на масовниот скрининг за земање на вкупно 430 брисеви во трите карантински денови. Кон забраната за неработење се приклучи и најголемата странска инвестиција лоцирана во индустриската зона, компанија која заради завршување на работните задачи синоќа работеше и трета смена. Владата вчера донесе акт, со кој целосно се забранува работењето на текстилните фабрики и издавањето на дозволите со кои во изминатиот период се изигруваа донесенети мерки.

Од денеска нема никакви активности и нема работа се до понеделник. Значи се почитува Уредбата, во целост- изјави КРИСТИНА АМПЕВА, ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ-ШТИП

Со актот не се опфатени останатите индустрии, туку само оние фирми, каде има најголема концентрација на работна сила.

Таму ниту се појавил вирусот, ниту има толкава концентрација на луѓе. Башка (посебно што, м.з.) сите оние кои работат и во тие фирми се во самоизолација доколку биле во контакт со текстилните работници. Значи имаме голема бројка во Штип кои се во самоизолација- додаде Ампева

Сепак, од Гласен текстилец апелираат до сите оние кои имаат информации дека некои конфекционери утре и задутре ја прекршуваат забраната, веднаш да пријават кај нив, во инспекциските служби или во општинскиот кризен штаб.

Екипата на Сител денес беше и на градските гробишта. И таму во целост се почитуваше забраната од страна на граѓаните за посета на гробовите на најблиските за време на одбележување на празникот Духовден.