Македонија
30. July 2015 - 8:42

Концерт по повод македонското претседавање со ЦЕИ

По повод одбележувањето на македонското претседавање со Централно европската иницијатива (ЦЕИ), Министерството за култура во соработка со Министерството за надворешни работи и фестивалот „Охридско лето“, вечер во црквата „Св. Софија“ во Охрид, организира концерт на камерниот оркестар на Музичка Младина на Македонија.

На концертот, во рамки на 55-то јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“ камерниот оркестар ќе настапи под диригентската палка на Елена Митревска, а ќе бидат изведени дела од Eдуард Толдра, Јоханес Брамс, Бела Барток и Петар Илич Чајковски.

Централно-европската иницијатива е една од значајните регионални мултилатерални инцијативи формирана пред 26 години. Организацијата обединува 18 држави од Средна и Југоисточна Европа меѓу кои и Република Македонија. Земјите членки на ЦЕИ меѓусебе соработуваат на различни теми од взаемен интерес како на политички така и на економски план. Република Македонија и официјално стана претседавач со оваа реномирана организација во јануари годинава во период од една година.