Комисиска расправа за ребалансот
Во собраниската матична Комисија за финансирање и буџет почна расправата по предложениот ребаланс на Буџетот за 2018 година со кој се врши минимална корекција на неговата приходна и расходна страна и се обезбедува дополнителна поддршка на општините, Фондот на ПИОМ, фондот за здравствено осигурување. Дефицитот останува непроменет, а стапката на раст е ревидирана на 2,8 проценти.
Предложениот ребаланс го образложи министерот за финансии Драган Тевдовски кој рече дека измените се подготвени следејќи ја политичката ситуација во земјава согласно движењата на македонската економија, како и реализацијата на приходите и расходите.
– Со ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2018 година се врши минимална корекција на приходната страна на буџетот и приспособување на одделните делови од буџетската потрошувачка до крајот на годината. Притоа поставените цели на фискалната политика за 2018 година и понатаму остануваат непроменети, односно во целост се дизајнирани во функција на постигнување на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на вработеноста, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО, рече Тевдовски.
Тој потенцира дека реализацијата на буџетските приходи е одлична споредбено со минатата година и оти тоа упатува на тоа дека со сигурност може да се каже дека тоа што е предлог во овој ребаланс ќе биде остварено.
– Приходната страна, потенцира министерот, е целосно безбедна и сигурна.
Според него, важно е да се истакне дека Владата со овој ребаланс обезбеди околу 50 милиони евра за финансиска поддршка на општините за да сервисираат значителен дел од нивните неизмирени обврски како и на дел од неизмирените обврски на единките корисници основани од нив.
– Како приоритет е проблем што е горлив во многу општини, што имаат блокирани сметки, големи натрупани нереализирани обврски. Исто така, во добар дел од општините училиштата кубурат, мака мачат како да најдат да платат струја, да ги платат обврските за да можат да функционираат и затоа имаме решение со кое државата нема да ја задолжуваме, нема да земеме дополнителен кредит, туку со остварениот фискален простор ќе направиме решение со кое што ќе им помогнеме, но паралелно поставуваме механизам за планирање на сопствените приходи на основниот буџет на ЕЛС, рече министерот.
Потенцирајќи дека ова е обврска да го направат и да го решат проблем што со години тлеел.
– Сега сме целосно транспарентни и преку посебен софтвер започнавме да ги објавуваме обврските и ќе продолжиме тоа да го правиме и во иднина за јавноста да има увид дали и како се менаџираат овие неизмирени обврски.
-Нереалното планирање на буџетите на ЕЛС, односно преоптимистичкото планирање на приходите е една од причините поради кои ЕЛС креираа неизмирени обврски во претходните години, истакна Тевдовски.
Со ребалансот Владата ја ревидира стапката на раст од 3,2 на 2,8 проценти. Вкупните приходи се планира на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи на 210,5 милијарди денари. Дефицитот останува непроменет и изнеусва 2,7 отсто од БДП.
Во расправата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го оценија ребалансот како нереален и оти економскиот раст е неостварлив.
– Ребалансот ви е нереален, ниту ќе ги постигнете предвидените стапки на економски раст иако намалени затоа што прогнозите на ММФ ова не го кажува опозицијата и на ММФ се далеку пониски од вашите. Ниту ќе ги остварите планираните буџетски приходи, ниту ќе ги реализирате капиталните инвестици иако се намалени за 100 милиони евра, од 400 на 300 милиони евра, рече Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ, кој додаде дека катастрофалното ниво на реализација на капиталните инвестиции е доказ дека сте, како што рече, влада за едно прашање и дека не поседувате капацитет за водење на институциите.
Според него решението за поддршка на општините ги става во нерамноправна положба општините.
И неговата сопартијка Лилјана Кузмановска сметаше дека не е добро решението за поддршка на општините.
– Само со пренесување на средства се намалува нивната одговорност. Не е добар начинот на пренесување на парични средства на општините на начин како што правите вие. Се крати кај општините за подобрување на општинските услуги, а само им се даваат пари за покривање на обврските, рече Кузмановска.
Таа забележа дека економскиот раст е најнизок во регионот, дека е доживеан крах во економијата, дека е зголемен долгот и оти не може со манипулација со бројки да се покаже дека има економски раст.
-Буџетот не е само приходната страна. Вие сте министер кој го прави креирањето на економските политики за да може Македонија како земја водечка во регионот да продолжи во тој аспект, рече Кузмановска и доаде дека во Македонија немаме економски раст.
– Направивте цунами во економијата. Го стопиравте економскиот раст. Немате ниту еден проект. Го намаливте растот на градежништвото, капиталните инвестиции и клучните проекти ги стопиравте, ги намаливте средствата во судството. Онаму каде што треба да ја поттикнете економијата таму го правите застојот, посочи Кузмановска.
Расправата по предложениот ребаланс ќе продолжи по едночасовна пауза на барање на пратеникот од СДСМ Јован Митровски.
Ново на Сител
-
Средби и стратегија за пласман пред, а не за време на сезоната бараат земјоделците
-
Водата во Скопје по санацијата е безбедна за користење покажаа испитувањата
-
“Беланоца” криела гранати и ТНТ под земја и во објекти во Арачиново
-
Каде е Груби? Политичките препукувања продолжуваат
-
40 отсто од граѓаните задоволни од Мицкоски, СДСМ вели анкетата е лажна
-
Опозицијата обвинува дека новогодишната кошница нема ефект, власта го тврди спротивното
-
Каква економија не очекува
-
Штипска Физикална се модернизира за да одговори на потребите на пациентите