Комисиска расправа за ребалансот на Буџетот
Пратениците од редовите на владејачките партии во Собранието сметаат дека предложениот ребаланс на Буџетот е реален и ќе овозможи поддршка на многу компании и граѓани, додека претставниците на опозицијата најавија дека нема да го поддржат овој предлог.
Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Тимчо Муцунски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, по почетокот на расправата за ребалансот на Буџет изјави дека тој е „кулминација на неодговорното работење на владата на СДСМ, дека јавниот долг е на највисоко нови, дека нема инвестиции и нови проекти“.
– Јавниот долг во Македонија веќе го достигна највисокото ниво во нашата историја. Сите ние должиме над 7 милијарди евра, што претставува 63 отсто од БДП. Никогаш не сме биле позадолжени. СДСМ кога ја презема власта јавниот долг изнесуваше 4,7 милијарди евра и беше на ниво од 46 отсто. За само 4 години владеење јавниот долг е зголемен за нови 2,4 милијарди евра. Ширењето на невистини дека каматната стапка денес е пониска отколку пред 5-10 години со сигурност нема да ни го намалат долгот. Средствата од Буџетот потребно е да се трошат наменски, но секако и да се инвестираат во продуктивни проекти, кои во иднина ќе создаваат дополнителна вредност, рече Муцунски.
Првпат во историјата на земјата, како што рече, јавниот долг е двојно поголем од вкупните буџетски приходи.
– Имаме разбирање дека е светска економска криза, но немаме разбирање за недоволниот капацитет, незнаењето и неодговорното однесување на власта. Нудат несоодветни планови за инвестиции, фискална консолидација и разни други предлози, но реалноста е сосема спротивна и загрижувачка. На пример, фискалната стратегија која ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, макроекономските проекции и проекциите за буџетскиот дефицит за периодот до 2026 година е донесена на 1 јуни. Во неа јасно пишува дека буџетскиот дефицит за 2021 година се планира на ниво од 4,9%, за да две недели подоцна на седница на Владата се усвојува предлог за Ребаланс на Буџет со буџетска дупка од 6,5% односно 750 милиони евра, посочува Муцунски.
Иако, како што вели, со ребалансот се зголемувале капиталните расходи, бројките тоа не го кажуваат. – Ако пред 2018 година 10 отсто од Буџетот се трошел за капитални расходи, сега тој процент е околу 6 до 7 проценти. Нема инвестиции и практично го нема очекуваниот развој, додаде пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Муцунски посочи и дека иако ДДВ на струјата ќе се намали, сметките ќе останат исти.
– Вчера Регулаторната комисија за енергетика најави покачување на цената на струјата за нови 12,5 отсто по минатогодишните 7,5 проценти. За да не се почувствуваат веднаш тие 12,5 отсто ќе ви се намали ДДВ-то во период од една година. Но, од идната година и од 2023 година, сметките за струја ќе станат драстично поголеми. Тоа е така, затоа што ЕЛЕМ реди загуби, поради сомнителни тендери кои се делат на фирми блиски до власта, бројни вработувања, пред се неодговорно работење, рече тој.
Муцунски истакна дека воведувањето на еколошката такса од 4 денари е под изговор дека сме имале најниски цени на горивата во Европа и дека парите ќе се инвестирале во зелена агенда. – Дали знаете, што друго е најниско освен цените на горивата? Платите, рече Муцунски.
Пратеникот Елми Азири од опозициската Алијанса на Албанците истакна дека предложениот ребаланс е наследен и не им дава причина на претениците од неговата коалиција да го поддржат, како о верба и надеж и дека е изграден врз реални параметри и дека е во состојба да ги реализира предвидените објективи.
– Изгледа приоритет на Владата и на Министерството за финансии се локалните избори што ќе се одржат оваа година, рече Азири.
Според него, индикаторите посочуваат на реалните состојби односно каков ќе биде растот. Тој потсети дека и кога се носел Буџетот главната забелешка била дека проекциите за раст се многу високи.
– Со таков буџет тешко може да се постигне толку повеќе. Вистината е дека денеска имаме повторно предвидување за зголемување на економијата за 4,5 отсто, но со други индикатори, со друг буџет, со други приходи и расходи, и со друг буџетски дефицит. Се поставува логичко прашање дали оваа експанзија на расходите, на дефицитот, јавниот долг е направен за Владата да го постигне растот од 4,5 отсто, но за да не сноси одговорност, праша Азири, додавајќи дека има неколку чудни индикатори.
Пратеникот Панчо Минов од СДСМ истакна дека предложениот ребаланс на Буџетот ја следи насоката на развоен, економски, и социјален буџет, кој што се изразува во поддршка на капитални инвестиции, на економски мерки за претпријатијата и за компаниите во нови вработувања, во делот на социјални надоместоци и бенефиции и во делот на развој на екологијата.
– Со ребалансот Владата го прави Буџетот за граѓаните и за поддршка на инвестициски активности и економски мерки за справување со последиците од пандемијата за претпријатијата, рече Минов.
Според него, како еден од клучните и најмногу застапени расходи од страна на Владата е повторното афирмирање на делот што значи и камати на кредити преку Развојната банка што се наменети за стопанските субјекти.
– Тоа е една мерка која испадна многу успешна. Многу е практикувана од страна на компаниите и добра работа е што истата се задржува и со ребалансот со зголемување на средствата во однос на намена на кредити со нула камати. Втората работа е кредитната гарантна шема, рече, меѓу другото, Минов.
Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека со овој ребаланс на Буџетот се покажува се она за што предупредувале пред шест месеци пратениците од опозициската партија. Стојановски рече дека се согласува со изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека „ние сме единствената земја во регионот што се однесуваше без разум“.
– Вака конципиран ребалансот дополнително ќе ја зголеми сиромаштијата и ќе ја втурне државата во уште поголема сиромаштија и бесперспективност, неразвоен и конципиран без концепт, нема јасна визија и е поставен на постулати кои не се издржливи. Креиран е стихијно, без одржлива стратегија која е насочена кон реален развој на економијата, изјави Стојановски.
Седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет ќе продолжи во 16 часот
Ново на Сител
-
Скијачки центар Михајлово се отвора вo среда, најавен и превоз од Кавадарци
-
ОН одобри нова мировна мисија во Сомалија
-
Јамал: Ќе се вратам уште посилен по повредата
-
Русија соопшти дека ноќеска уништила десетици беспилотни летала кои Украина ги користела за напад на нејзина територија
-
Сиљановска-Давкова, Мисајловски и Лафчиски на видео-конференциска врска со македонските мировници
-
Мексико: Се судрија автобус и камион, осум загинати, 27 повредени
-
Ново обвинение за струшкиот градоначалник, одземен му е пасошот и друга исправа за преминување граница
-
Трамп го повика Врховниот суд да го прекине спроведувањето на законот за забрана на ТикТок