Бизнис
5. March 2024 - 8:04

Комисиска расправа по Предлог-законот за нефер трговски практики

Предлог-законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи во второ читање е ставен на дневен ред на денешната 75. седница на Комисијата за европски прашања закажана за 13 часот. Членовите на оваа собраниска Комисија се очекува да дискутираат и за Предлог законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.

Предлог-законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи треба да помине и на собраниската Законодавно-правната комисија, за потоа пратениците да расправаат за него на пленарна седница.

Како што стои во образложението објавено на собраниската веб-страна, со донесувањето на Предлог законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.

Со Предлог законот, како што се посочува во образложението, се обезбедува начинот за поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност.

-За таа цел, Комисијата е должна сите нејзини акти да ги усогласи со одредбите на овој предлог и да обезбеди потребни ресурси на технички, технолошки и квалификуван кадар за правилна и непречена контрола на одредбите во предлог-законот, во рок од шест месеци од денот на негово влегување во сила. Предлог на Законот има за цел да ја регулира постапката за изведување докази и прекршочната постапка, да утврди висината на глобата за сторен прекршок и решенијата кои Комисијата ги донесува, за одлучување по прекршок, се вели во образложението на Предлог-законот.

Надлежните очекуваат да се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и дека овој закон ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.

Министерството за економија токму поради тоа не ја продолжи одлуката за гарантирани цени која важеше до 29 февруари.