Македонија
11. March 2018 - 13:46

Комеморација за депортираните Евреи од Штип

 Утрото на 11 март 1943, 131 семејство од Штип се насилно пратени во поранешниот Монопол во Скопје, од каде што на 25 март 1943 година со транспортен вагон се депортирани во нацистичкиот логор Треблинка. 
 
За депортацијата на Евреите од Штип денеска во Советот на Општина Штип се одржа коммеморативна седница во рамки на одбележувањето 75 години од холокаустот на македонските Евреи.
 
Присуствуваа претставници од Еврејската заедница во Република Македонија, министерот за здравство Венко Филипче, државниот  секретар во Министерството за здравство Владимир Милошев, градоначалникот на Штип Благој Бочварски, претставник од Амбасадата на САД, советници и претставници на државни институции од Штип.
 
- Го осудуваме холокаустот, го осудуваме негирањето и искривоколчувањето на холокаустот, како и сите форми на геноцид и кршење на човековите права, како што се антисемитизмот, дискриминацијата, говорот на омраза, ксенофобијата, расизмот. Сите треба да се сеќаваме дека секкоја жртва не е бројка, туку има свое име. Македонија загуби голем дел од својата култура со смртта на 98 проценти од еврејското население, рече градоначалникот Бочварски.
 
Пепо Леви од Еврејската заедница во Република Македонија потсети  дека Македонија загуби 7 144 Евреи во Треблинка - Евреи од Штип, Битола и од Скопје кои никогаш повеќе не ги виделе своите родни градови.
 
- Од периодот кога се населија на овие простори во 1492 година,  сефардските Евреи, почитувајќи ја „башка“ својата култура, обичаи, историја и своите традиции, но почитувајќи ја и македонската вера, култура, традиција и обичаи, „барабар“ живееја во мир и слога со заемна почит и љубов со Македонците, своите граѓани. Токму онака како што тоа го напишта во својата поема „Башка и Барабар“ еден од најугледните членови на нашата Еврејска заедница - Мориц Роман, рече Леви.
 
Во својот говор тој истакна дека Владата на Република Македонија е „на висина на својата задача“ во стопирањето на растечкиот нацизам во срцето на Европа, со тоа што на 5 март 2018 година во Собранието беше донесена Декларација посветена на 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија, а на 6 март Владата на  РМ ја усвои работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот за борба против антисемитизмот.
 
- Еврејската заедница во РМ и Фондот на холокаустот покренаа иницијатива и за промена на Кривичнниот законик во смисла на поефикасно санкционирање на ширењето на омразата кон Евреите и антисемитизмот, како и негирањето на холокаустот над евреjскиот народ, кое како појава во последниве години стана се поприсутно и тука на нашите македонски простори. Очекуваме релативно бргу таа наша иницијатива да се преточи во правна легислатива одобрена од страна на Владата и Собранието на РМ, рече Леви.
 
По овод 75 години од депортацијата на Евреите во Штип се обрати и проректорт на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип Кирил Барбареев, кој во 2014 година, како што рече, добил стипендија од израелската влада на програмите за развој поддржани од Интерамериканската банка за развој, ОН и УНЕСКО.
 
Во образовниот систем на Израел, рече тој, учителот  има обврска секој ден да им спомнува на денешните генерации за егзодусот на нивниот народ.
 
- „Можеме да простиме, ама не смееме никако да зборавиме“ е поуката од учителот  кон децата. Малку се народите во светот на кој во толаква концентрација им се нанесувани такви историски и човечки неправди, рече Барбареев. 
 
Владината делегација предводена од министерот за здравство Филипче, пратеници во Собранието на РМ и од партиите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, претставниците од Еврејската заедница и од Општина Штип, како и од државните институции од овој град положија цвеќе на споменикот на холокаустот во Штип и на Еврејските гробишта во градот.

Ново на Сител