Македонија
7. May 2023 - 19:28

Колку мажите и жените во Македонија се навистина рамноправни?

Челичните дами Маргарет Тачер и Ангела Меркел се производ за феминистичките движења кои борбата за правата на жените ја почнуваат во 19 век. Тачер како прва британска премиерка ја отвори вратата за жените лидерки, а Меркел со своето 16-годишно владеење со Германија покажа дека една жена може и знае да се носи со најтешките државнички улоги.

Но каде се жените во македонското општество? Особено кога општествено почитувани луѓе јавно говорат против еманципацијата и против разводот и растење деца без татко во семејството.

Образовната структура на жените во Македонија е поразителна.Според податоците на Државниот завод за статистика, дури 69% од луѓето кои немаат никакво образование се жени. Речиси идентичен е процентот, 67, на оние кои не успеале да го завршат ниту основното образование. Единствена позитивна работа е што повеќе жени завршиле високо образование и станале магистри. 

Со вакви податоци лесно може да се заклучи дека за македонската жена и во третата деценија од 21 век сѐ уште има бариери во образованието. И ваквата структура потоа влијае на пазарот на труд каде најголем дел од неактивната работна сила се токму жените. 

Кога овие жени ќе излезаат на пазарот на труд се соочуваат со нови пречки, иако државата се погрижила тие да добијат платено породилно отсуство и други бенефиции поврзани со мајчинството.

-Рабодавачите токму овие интервенции што се прават на пазарот на трудот, коишто повеќе ги користат жените ги гледаат како пречка. И оттука имаме родова дискриминација, односно работодавачите повеќе да сакаат да вработуваат мажи отколку жени заради тоа што жената почесто ќе користи боледување доколку има мало дете, ќе користи породилно отсуство, ќе користи, доколку се донесе во иднина, флексибилно работно време, вели Драгана Дрндаревска од Коалицијата Маргини.

Додека Тачер и Меркел се покажаа како вистински лидерки на своите држави, за македонската жена во политиката има место само на 8. март.

Во последната реконструкција на владиниот кабинет, место имаше само за пет жени во дваесетте министерски фотелји. 

Сликата е малку подобра во Собраното, каде поради законските квоти 42% се жени.

Но непосредно за еден кандидат се гласа само за претседател и за градоначалник и тука навистина може да се види каде е навистина местото на жената во политиката.

 Од вкупно 82 општини имаме само две градоначалнички.

-Доколку ги видиме и бројот на кандидатки, во 2021 година сме имале 25 кандидатки, од кои само две биле избрани. Гледаме дека и политичките партии кога ставаат жени во трката за градоначалнички ги ставаат на позициите на коишто најверојатно нема да бидат избрани, вели Дрндаревска.

Последната ставка на која Државниот завод за статистика обрнала внимание е „криминалот и правдата“.

Статистиката покажува дека е далеку поголем бројот на мажи кои се одлучуваат на криминални дејствија. 

Интересно е што во последните три години од вкупно 49 убиства, само едно го сторила жена.Оваа статистика, за жал, се пресликува и кај семејното насилство. 

Статистиката вели дека на секои 100 насилници, помалку од 10 се жени, а дури 80% од жртвите се од понежниот пол. Ова се бројки од пријавените случаи на семејно насилство, но невладините постојано предупредуваат дека во реалноста нивниот број е далеку поголем бидејќи жените ретко се одлучуваат да ги пријават насилниците кај надлежните институции. 

Дрндаревска вели дека семејното насилство произлегува од нееднавката распределба на моќ и верувањето на мажот дека треба да ги контролира сите останати во семејството.

-За да се зголеми бројот на жени коишто пријавуваат родово засновано насилство потребен ние  поефикасен одговор на институциите. Сѐ уште имаме социјални служби кои ќе и кажат на жртвата дека е најдобро да се смири со мажот заради децата, а обратно, заради децата треба да ѝ помогнат да излезе од насилна средина. Сѐ уште имаме полиција не секогаш постапува по службена должност, по допрен власт, туку се инсистира на пријава од страна на жртвата, вели Дрндаревска.

За промена на ваквата слика, Дрндаревска вели дека најважно е образованието, а податоците покажуваат дека токму таму жената има и најголеми бариери.