Кој треба да истражува дали има фиктивна вакцинација на деца со лажни потврди?
До Државниот санитарен и здравствен инспекторат се уште не стигнала пријава за наводно лажна вакцинација на деца во Бугарија. Како што објави Сител, во тоа се посомневале докторки од вакцинални пунктови во Скопје кога родители им донеле белешки на обичен лист хартија без никакви сериски броеви на примената вакцина. од Комисијата за заразни болести која е советодавно тело на министерот очекуваат сериозна истрага на надлежни инситутции кои треба да утврдат за што се работи.
-Доколку постои навистина ваква манипулација со вакцини што се случува во соседна земја, сметам дека постојат истражни органи во земјата кои треба сериозно да се занимаваат со ова зошто на овој начин сериозно се загрозува здравјето на децата. Ова може да предизвика сериозни последици не само по здравјето туку и по животот на децата и претставува основа за тоа да има детална истрага што точно се случувало, вели д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ.
Сомнителните случаи со потврди од Петрич кон крајот на март биле разгледани и на седница на Комитетот за имунизација, откаде велат дека доставиле допис до Министерството за здравство за да стапат во контакти со здравствените домови каде се јавиле ваквите случаи.
-Бидејќи нема можност да се утврди дали тие потврди за вакцинација во Петрич се веродостојни, Министерството за здравство ќе побара од МНР да стапи во контакт со министерството за здравство на Бугарија, ни одговорија од МЗ.
Доколку навистина станува збор за лажни потврди, тогаш за лекарите ова е нелогично, опасно, неродителски и се за секоја осуда. Доктор Мехмедовиќ вели родители треба добро да размислат пред да направат ваква работа.
-За мене ова не е очекувано и не ми е јасно која е родителската логика да го изложите детето на опасности и да добиете потврда дека е вакцинирано а всушност да не е, вели Мехмедовиќ.
На речиси сите потврди од Бугарија за кои се посомневале лекари во македонските диспанзери е вакцината против МРП чиј опфат во земјата е намален и во некои урбани општини е и под 40 проценти.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар