Македонија
15. January 2022 - 21:15

Кои граници се затворени поради ковид пандемијата?

Бугарија ги затвора границите за Македонците од среда. Поради високата бројка на новозаразени од почетокот на јануари, Македонија влегува во црвената зона на држави. Влез нема да биде дозволен за македонските државјани освен оние кои имаат бугарски пасоши или престој во Бугарија.

Одлуката ќе трае до 31 март. Меѓутоа, државата ќе ја ревидира одлуката на секои 14 дена во зависност од дневно заразените.

Инаку, на 25-ти во Софија најверојатно ќе се одржи заеднчка владина седница. За тоа патување најверојатно ќе биде потребна нота од Владата, а на македонските фукционери ќе им биде дозволен влез со вакцинација и негативен ПЦР тест.

Во меѓувреме, државите од Шенген зоната го намалуваат период на валидизирање на вакциналниот сертификат. Исланд е последната држава која од денеска, ковид-сертификатот го прифаќа само доколку двете вакцини се примени во последните девет месеци.

И Латвија и Холандија ќе ја имаат истата политика. Од 1 февруари за влез во Холандија мора да имате примено вакцина во последните девет месеци.

Грција, од друга страна, прифаќа вакцинални сертификати од само седум месеци.

Во ек на новиот омикрон бран Македонија не воведува никакви нови рестрикции, со оглед на тоа што на последната седница на Комисијата за заразни болести членовите одлучија дополнително да одлучуваат. Засега нема информација дали на седницата која ќе се одржи идната недела Комисијата ќе побара од Владата реципрочни мерки кон државите кои ги спуштија рампите за македонските државјани.