Македонија
3. July 2024 - 16:27

Коце Трајановски нов директор на Државни патишта, СДСМ критикува

Коце Трајановски, поранешниот градоначалник на Скопје од утрово е нов директор во Јавното претпријатие за државни патишта откако Управниот одбор ја прифатил препораката на Владата за негово именување. Трајановски е веќе познат на македонската јавност и со децении е дел од политичката сцена. Тој беше пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание во два мандата, потоа беше градоначалник на Гази Баба, па од таму стана градоначалник на метрополата.

Како директор на ЈПДП Трајановски ќе располага со еден од најголемите буџети во државата од над пола милјарда евра. Тој ќе треба да се справува со доизградабата на автопатите Кичево –Охрид и Скопје-Блаце. Во негови раце ќе биде и изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10Д со „Бехтел и Енка“.

Именувањето на Трајановски предизвика реакции кај опозициската СДСМ. 

„Шокантно е што градоначалникот кој го спроведе најголемиот градежен криминал во историјата на земјата, проектот Скопје 2014, сега ќе има моќ да раководи со најголемите инфраструктурни и градежни проекти. Коце Трајановски е човекот кој во својата најтесна фамилија е косопственик и управител на фирмата Косистеми ДОО чија дејност опфаќа и градежништво. Ова е најава за огромна корупиција која се подготвува во ова претпријатие. Нема поголема потврда како планира да работи ВМРО-ДПМНЕ од оваа одлука со која рехабилитираат функционери кои нанеле државна штета од преку 700 милиони евра“, реагираат од СДСМ.

Од ДУИ пак, реагираат за синоќешното именување на Сашо Клековски и Бранко Аџигогов за директори во Фондот за здравство. Интегративците на Ахмети се загрижени што по подолго време првпат нема Албанец на раководна функција во оваа институција.

„Овој чин е во целосна спротивност со духот на Охридскиот договор и заштитните механизми за еднаква претставеност на сите етнички заедници. Ние веруваме дека отстранувањето на Албанците од клучните институции не е само неправда кон нашата заедница, туку и закана за стабилноста и меѓуетничката хармонија во Северна Македонија“, пишуваа од ДУИ.

Владата вчера назначи и в.д. директори во Управата за извршување санкции – Александар Панов, кој познат по патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, во ТИРЗ – Гоце Димовски и во Агнецијата за храна - Оливер Миланов.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, ја поздравија одлуката на Владата за укинување на економските директори во болниците како дел од предизборните ветувања.

„Со оваа мерка ќе добиеме оптимизација на здравствениот систем, зајакнување на јавното здравство, подобрување на функционалната организација на истото, елиминирајќи ги врзаните потписи и сивата зона на одговорност во рамки на здравствените установи. Истовремено ќе се намалат непотребните трошоци, а ќе се рационализираат административните трошоци преку пренасочување на средствата во сериозно потребната здравствена екипираност, континуирана едукација на кадрите и набавка на нова медицинска опрема“, изјави Рашела Мизрахи

Засега се именуваат функционери во третиот ешалон само од редот на коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ. Албнскиот партнер Вреди, секој во својата партија вечерва или утре треба да ги потврдат своите директори во МАЛМЕД, МЕПСО, Македонски пошти, Здравствениот дом Скопје, како и заменик директор во Царина. 

Новиот бран на именувања поради смена на власта треба да се очекуваат во четврток и во сабота, за кога се планираат и владини седници.