Македонија
3. October 2025 - 16:33

Клековски: Ако не реагираме сега, Македонија ќе се соочи со сериозен недостиг на матични лекари за 10-15 години

За десетина години Македонија ќе се соочи со сериозен недостиг на матични лекари. Голем дел од докторите во примарното здравство се повозрасни пред пензионирање, а младите се поретко се одлучуваат да работат како матични пред се поради финансиски причини и потешкотиите при добивање ординација. Состојбата е алармантна и сега во неколку помали градови, велат од Фондот за здравство.

-Ако гледаме дека тоа ќе биде проблем за десеттина години, ние мора сега да дејствување, за да не се најдеме во ситуација на 30 до 40 километри да нема доктор достапен за населението, рече Сашо Клековски, директор на ФЗО.

Уште позагрижувачка е состојбата во руралните средини. Од 96 амбуланти, функционираат само 44. За да се пополни бројот и секој крај да биде покриен со здравствена заштита од Фондот ги повикаа младите лекари да дадат и нивни предлози според кои би работеле како рурални доктори.

-Сите пристигнати предлози ќе бидат разгледани од посебна комисиија задолжена за подготовка на измените и доколку тие се во согласност со законската регулатива, ќе бидат вградени во новиот правилник или ќе послужат како основа на измени на законската регулатива, рече Клековски.

Од друга страна специјалистите по семејна медицина кои исто така работат како матични, реагираат дека не може да земаат иста плата како општ доктор и бараат признавање на специјализацијата.

-Веќе еднаш засекогаш специјалистот по семејна медицина треба да ја добие својата улога, токму сега имаме поддршка и од ЕУ, бидејќи таму веќе земјите членки во Европскиот парламент поднесуваат директива со која специјализацијата по семејна медицина ќе стане еднаква како специјалност со останатите специјализации, а Македонија за жал се уште не не признава како семејни лекари, изјави д-р Драган Ѓорѓиевски, претседател на здружението на лекари по општа-семејна медицина (ЗЛОМ-СМ).

Во моментот во Македонија има околу 1500 матични лекари, а пред неколку години имаше многу повеќе.