Македонија
14. July 2022 - 13:03

Ќе се реконструира планинарскиот дом „Копанки“

Мнозинството во битолскиот совет ја изгласа одлуката за давање согласност на Општина Битола да склучи договор со ПСК „Пелистер“ се со цел да се регулираат меѓусебните права и обврски по однос на доделените 3,8 милиони денари од општината на клубот за обновување на планинарскиот дом Копанки кој изгоре пред 9 години. Согласно договорот, општината ќе користи 30% од капацитетот без надомест.

-Капацитетите кои што се предвидени во договорот 30% од вкупниот број на легла да биде користен и ќе биде за сите граѓани од Општина Битола. Сите граѓани од Општина Битола ќе имаат можност тие 30% од капацитетот на леглата да ги користат, во било кој период од годината, изјави Бојан Бојкоски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

-Ќе биде уредено со правна регулатива од Општина Битола. Ќе оди преку административен пат, а тие 30% ќе бидат секогаш слободни за користење, изјави Габриела Илиевска, Претседател на Совет.

Левица беше против оваа одлука, додека советниците од СДСМ гласаа воздржано откако нивните барања за проширување на договорот не беа прифатени.

-Поради тоа што ако се вратеше Копанки под Општината ние  би иницирале дупло поголеми средства за да се реконструира, а вака минимална сума од околу 60 илјади евра кои му се даваат на приватник, нема да поддржиме никаква правна сопственост, рече Горан Велевски, Советник од Левица.

-Тоа се соодветни барања кои ние како советници треба да ги застапуваме правата на граѓаните, а тоа е во тие 30% кои се споменати дека треба да бидат користени од страна на граѓаните на Општина Битола бесплатно, бидејќи ние даваме сериозна сума на финансиски средства, кои граѓани и на каков начин ќе бидат користени тие 30%.“, рече Методија Илиевски, советник од СДСМ.

Финансиските средства кои се доделени се исклучиво за реконструкција за домот Копанки.