Ќе се реконструира дел од патот Демир Хисар – Другово
Најоштетената делница од 12 километри на регионалниот пат Демир Хисар – Другово ќе се реконструира оваа пролет. Ова беше договорено вчера попладне на средбата во село Сопотница на месните заедници и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми и директорот на ЈП за одржување на регионалните и магистрални патишта, Костадин Ацевски. Жителите велат дека се задоволни од средбата и дека протестите ќе бидат прекинати.
На средбата министерот Бочварски најави итна реконструкција на најоштетените делови од регионалниот пат за да се подобри безбедноста на овој патен правец што беше и едно од главните барања на жителите од овој регион. Овој регионален пат е од големо значање и ја поврзува скоро цела Западна Македонија, а жителите на демирхисарско протестираа со блокади заради лошата состојба на патот и бараа итна реакција од надлежните.
- Тој правец не е рехабилитиран од 1976 година, сега треба да направиме крупни чекори за тој патен правец, рече Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
На средбата било договорено почетокот на реконструкцијата да започне веднаш штом дозволат временските услови за работа на асфалтните бази. Исто така беше утврдено дека рехабилитацијата на останатиот дел од делницата Другово – Демир Хисар, во должина од 42 километри, ќе биде на почетокот на 2023 година.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
