Ќе се испраќа ли законот за здруженија до Венецијанската комисија?
Владата без одговор на иницијативата на Османи – Законот за здруженија да оди на анализа во Венецијанската комисија. Премиерот Ковачевски не открива дали ќе го послуша шефот на дипломатијата и ќе го прати Законот во ова советодавно европско тело, но посочи дека за него, донесените измени не се спорни.
„Ние го имаме законот донесено со консензус од сите. Дали тој ќе биде дел од анализата во Венецијанската комисија или не, тој е донесен во нашето Собрание. Јас сметам дека тој закон нема некои поголеми недоречености во него”
Секое мислење од европска институција е добредојдено – е ставот на министерот за правда.
За ВМРО ДПМНЕ, пак, нема нејаснотии. Османи сака да и удоволи на Бугарија, а законот мора веднаш да се применува.
„Уште утре да се затвори Цар Борис трети...”
Предлогот го објави шефот на македонската дипломатија за време на посетата на Софија. На агендата беше и средбата со Борисов - лидерот на победничката партија на изборите во октомври, на кого му се допадна идејата на Османи.
„Ние кога не сме сигурни дали е нешто добро или не, го праќаме во Венецијанска за совет. Ако можете и вие тоа да го направите, тогаш влегувањето во сила на овој закон ќе биде во ред”
Иако Бугарија смета дека со новиот Закон за здруженија се ограничуваат правата на Бугарите во земјава и се врши нивна дискриминација, засега останува нејасно дали барањето - тој да биде испратен во Венецијанската комисија го испорачала официјална Софијa, или пак ова е сопствена иницијатива на министерот Османи, со која сака да го побие источниот сосед во овие тврдења.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
