Македонија
13. јуни 2018 - 18:27

Ќе се гради првата црква во прилепско Канатларци

Во прилепско Канатларци почна изградбата на првата црква. Темелите на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ ги освети владикатаа Петар во сослужение со свештенството од прилепската епархија, а присуствуваа претставници од муслиманското население и од прилепската локална самоуправа.

- Присуството на муслиманското население на овој свет чин е голем знак за заедништвото и животот во Канатларци, рече владиката Петар.

За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски ова е посебен пример на заедништво кое треба да го следат сите во Македонија.

- Задоволство е да се присуствува на овој свет чин за изградба на првата црква во Канатларци каде 90 отсто од населението е муслиманско, а околу 10 отсто христијанско. Ваквите примери се одлични за соживотот и треба да ги следат сите, а ние, како локална самоуправа ги поддржуваме, рече Јованоски. 

Како што објасни првиот донатор во иницијативниот одбор за изградба на црквата Миле Трајковски ова е прв свечен чин за христијанското население во историјата на ова село.

- Селото  е со околу 2.000 жители, од кои 90 отсто се муслиманско налеление. Првиот македонски жител во селото се населил околу 1955 година од селото Бонче, кога се иселувало турското население во Република Турција. Задоволствопто е огромно зашто имаме многу добар соживот со муслиманското, турско население, вели Трајкоски.

Марјан и Трене Тренески, жители на Канатларци, изјавија дека речиси 65 години населението за сите свечености, погреби и за големите верски празници, морало да оди во соседните села.

- Ниту свеќа не можевме да запалиме, ниту да ги испочитуваме големите верски празници Божик, Водици и Велигден. За да запалиме свеќа мораше да одиме во соседните села. Еве дојде денот кога почнавме првпат да градиме црква, вели Трене Тренески.

Соживотот во селото е одличен, се согласуваат и турското и христијанското население. - Имаме одличен соживот. Си помагаме во земјоделските работи, ова е најпознатиот крај по производство на бостан, а и на тутун. Во селото има преку 6.000 овци. И нема иселување, ова е плоден крај на Пелагонија, вели Никола Спасески од иницијативниот одбор за изградба на првата селска црква.

Жителот на Канатларци Велија Мемишоски рече дека немаат недоразбирања и оти соживотот е одличен со децении во ова село.