Ќе се формира нова институција посветена на дигитализацијата
Кратењето на администрацијата ќе почека. Поприоритетно е да се формира уште една нова институција, Агенција за дигитализација на општеството и ИТ поддршка на институции. За ресорниот министер Дигиталната агенција е неопходна и клучна во процесот на дигитализација. Новата институција ќе се формира следната година, а сè уште не се знае колкумина ќе работат таму и колку тоа дополнително ќе ја чини државата.
“Јас мислам дека како институција ќе биде важна во процесот на дигитализација, зашто сите дигитални процеси ќе се спроведуваат преку дигиталната агенција. Се подразбира, за реализација на тие процеси и вработените ќе бидат тие што се најподготвени од ИТ секторот, а секако и од другите сектори. До сега немаме предвидено број на вработувања, немаме предвидено финансиска рамка. После поминување на правниот основ за формирање на дигиталната агенција, се надеваме во наредниот период ќе ја предвидиме и финансиската рамка”, вели Јетон Шаќири, министер за информатичко општество и администрација.
Во јавноста до сега се обелоденија неколку модели за кратење на јавната администрација: дел од вработените од јавниот да се понудат на приватниот сектор, да се намалат привремените вработувања, но и да се најде работа за околу 1.300 вработени според Рамковниот договор, кои со години земаат плата, а не одат на работа.
Ресорниот министер ветува кратење на администрацијата, но допрва ќе се дискутирало за можните решенија.
“Намалжувањето на бројот на вработени во јавниот сектор е определба на Владата во овој четиригодишен мандат. Истовремено, сме во почетна фаза на реорганизација на органите на државна служба. Ќе се оптимизираат и намалат институциите. Што се однесува до моделите, се уште не се дискутирани моделите, но после реорганизација кога ќе дојде време ќе се дискутираат и моделите”, вели Јетон Шаќири, министер за информатичко општество и администрација.
Во јавниот сектор работат над 133.000 лица, а според владината програма до 2024 година администрацијата треба да се намали за 20%, но и да се реформира, со цел да се создаде професионална и поефикасна јавна администрација.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
