Бизнис
20. May 2021 - 16:36

Ќе има ли поскапување на струјата?

Енергетските компании кројат нови пресметки за цената на струјата. Од Регулаторна информираат дека до сега пристигнати се барањата од неколку компании, но допрва ќе ги разгледуваат.
Регулаторна до крајот на јули треба да одлучи за новата цена на струјата, која ќе важи од август, но и за тоа дали ќе остане евтината тарифа.

Компаниите не откриваат детали од пресметките.

“Поднесени се трошоците до РКЕ согласно законските обврски. Кај ЕВН Хоум, која ги снабдува домаќинствата, цената најмногу зависи од влезните трошоци за набавки на енергија”, информираат од ЕВН.

Од ЕСМ велат дека во почетокот на јуни 2021 ќе се направи проценка на состојбата на термоелектраните и на хидро состојбата, по што врз основа на тие податоци ЕСМ ќе ја формира цената по која ќе обезбедува електричната енергија кон ЕВН Хоум за периодот јули-декември 2021г. Сепак, крајната цена на електричната енергија ја одредува РКЕ, велат од ЕСМ.

Од државните електрани, кои се главен снабдувач на ЕВН Хоум, велат дека се инвестира во зелена енергија, односно во ветерници и фотонапонски електрани.

Премиерот Заев вели дека инвестициите во чиста енергија ќе резултираат со поскапување на струјата.

“Треба да знаат граѓаните дека сите инвестиции кои што ќе ги прави државата во фотоволтаици, во ветерници, во гасни централи чинат пари. Сакаме зелена енергија? Ќе поскапува и цената на струјата. Не сега но, како ќе се реализираат инвестициите така”, рече премиерот Зоран Заев.

Лани Регулаторна ја зголеми цената на струјата за 7,4%, но остана евтината тарифа. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлагаат да се намали ДДВ-то за струја од 18% на 5%, со цел да се ублажи ценовниот шок доколку повторно поскапи овој енергенс.