Македонија
10. May 2023 - 17:08

Ќе има ли одговорност од Груби за партиските состаноци во државни простории?

Претставката за вицепремиерот Груби за злоупотреби на просториите на Министерството за политички систем за партиски цели сè уште не пристигнала до кабинетот на неговата колешка Грковска. Таа вели дека затоа сè нема постапено по обвинувањата од Антикорупциската комисија.

- Ќе одлучиме врз основа на аргументите. И вие знаете дека и досега сме постапиле непристрасно без оглед на тоа за кого станува збор, меѓутоа сè уште не е стигната, рече Грковска.

Меѓутоа, од Антикорупциска го тврдат спротивното. Претседателката на ДКСК вели претставката била испратена уште во петокот, по последната седница на Комисијата на која се зборуваше за однесувањето на Груби. Потврда дека претставката пристигнала во кабинетот на Грковска добиле во понеделникот.

Вицепремиерката вели дека функционерите не можат да одговараат прекршочно за кршење на Етичкиот кодекс, но дека опоменувањето од нејзина страна можат да го променат нивното однесување.

- Верувајте ми дека има промена во начинот на однесување кај некои функционери во зголемување на свесноста, меѓутоа, тоа е прашање на време, на процес, не се случува преку ноќ, за жал. Јас сум сигурна дека со ваквите мерки ќе дојдеме до оној момент кога ќе посведочиме некој да си ја преземе одговорноста за несовесното постапување, рече Грковска.

Антикорупциската комисија минатата недела го обвини Груби дека ги користел просториите на Министерството за политички систем за партиски состаници на претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Тој се пошегува дека обвинувањата биле намерни бидејќи ДКСК не успеала да го добие тој објект.

Претходно, Груби беше критикуван од јавноста бидејќи со своите сопартијци во кабинетот играше фудбал и баскет, кога ДУИ сакаше да покаже сплотеност пред „огнените“.