Ќе има ли енормно високи сметки за парно поради неажурната санација на ЕСМ и Градот?
Новите цевки за парно се подготвени, ама не може да се монтираат под мостот Беласица оти Арсовска не дава дозвола. На три недели пред стартот на грејната сезона неизвесно е колкави фактури ќе плаќаме бидејќи топловодот што изгоре во пожар не е заменет.
„АД ЕСМ подготвен, по добиена дозвола од Град Скопје, да ги постави новите топловодни цевки на мостот „Беласица“ и ќе вложи максимални напори нивната монтажа да се заврши во најкраток можен рок“, велат оттаму.
Од Градот не кажуваат дали и кога ќе ја дадат дозволата. Планот беше најпрво да се направи санација на мостот, па потоа да се стават новите цевки, но петти месец на Беласица не се прави ништо.
Според податоците на Бирото за јавни набавки, се уште нема распишано ниту тендер за избор на фирма за поправка. Тоа значи дека нема изведувач на градежните работи, а кога би се распишал тендер, според законските рокови, тој би траел неколку месеци.
Според експертите, ЕСМ не треба да чека дозвола од Градот. Велат Владата треба да нареди веднаш да се монтираат новите цевки, за да може да се обезбеди греење за сите.
„Не се бара дозвола. Нека направат. Што е, некој ќе ги руши? Ќе даде инспекција Град Скопје?
- Велите да ги постават цевките без дозвола од Градот?
Па тој си постои, тој само ја репарира, зошто да не може да се постави?“ – проф. Константин Димитров, експерт по енергетика
Топловодот е важен затоа што низ него поминува топлината од Те-То за топланата „Запад“ во Тафталиџе, а цената, пак, од Те-То е за трипати пониска од цената на останатите топлани.
„Таму се наоѓаат и производните котли. Ќе остане само на котлите на топлана Запад. Топланата Исток не може да префрли топлинска енергија од другата страна кон Центар и Карпош. Тој транспортен систем е витален за да може да функционира нормално. Топлана Запад може само делумно да задоволи, но не може целосно.
- Можно е во дел од општините да останат радијаторите ладни?
„Ако толку имаме непособна Влада и раководство ќе останат“ – проф. Константин Димитров, експерт по енергетика
За Димитров ова е срам и одраз на неспосбност.
„Толку смешна работа за еден цевковод да се постави, да не е вредно да се спомене. Се работи за неспособност и неорганизираност. Таков еден цевковод се прави за месец дена. Може и втор да се направи, на друго место и со такво цунами-мунами да нема проблем. Срамота е да се кажува јавно дека има таков проблем“ – проф. Константин Димитров, експерт по енергетика.
Мостот беше опожарен на почетокот на мај. Месецов беа отворени две ленти за лесни возила без никаква санација, иако и деканот на градежен, проектантот на мостот, но и странски експерти укажаа дека е потребна сериозна анализа и поправка.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар