Македонија
10. October 2024 - 16:39

Ќе ги спречи ли државата големите маркети да го изиграат Законот за нефер трговски практики

Има ли државата реален механизам за контрола на примената на Законот за нефер трговски практики? Според информации на Сител големи ланци на маркети веќе нашле начин како да го изиграат законот и да ги заобиколат ефектите.

Добавувачите и производителите се жалат дека се уценувани од поголемите маркети кои од нив бараат да потпишат ретроактивни анекс договори со огромни рабати за да се искомпензираат за периодот пред стапување на сила на законот. Во спротивно им се закануваат со отстранување или маргинализирање на нивните производи во маркетите.

Министерката за финансии вели дека сесредно го поддржува овој закон и сите ќе се заложат за неговата правилна примена. За разлика од ограничените маржи со кои не се сложува, Кочовска очекува токму Законот за нефер трговски практики да стави ред со цените на пазарот. 

- За да зборуваме за мерки треба да ја разбереме суштината на бизнисот, маркетите наплаќаат во готово, независно дали е кредитна картичка, дебитна или ќе отидеш со пари, а плаќаат на одложено. Значи кеш флоуто што е клучно, а никој не го гледа, бидејќи е најтешко за разбирање, тука го имаме најголемиот проблем и затоа го поддржувам Законот за нефер трговски практики, тој дел треба да се регулира на некој начин, вели министерката за финансии.

Во меѓувреме, Комисијата за заштита на конкуренција која е надлежна за контрола на примената на овој закон е во фаза на реорганизација. Се чека нов оглас за избор на членови кои треба да добијат зелено светло од Собранието. Денеска прашавме дали во меѓувреме се прават контроли на примената на законот, но оттаму не добивме конкретен одговор.