Кирил Петков сепак доаѓа во Скопје на 18 јануари
Бугарскиот премиер Петков сепак доаѓа во Скопје на 18-ти јануари. Оваа информација ја потврди и македонското МНР, по одржаните консултации со бугарските колеги. Средбата беше неизвесна, откако целиот бугарски државен врв влезе во изолација по вчерашниот состанок на Советот за безбедност.
Попладнево, Петков информираше за очекувањата. Не очекува нов старт, а ќе преговараме на неколку теми, вели бугарскиот премиер.
Во пресрет на посетата, владата процени дека Владо Бучковски веќе нема потреба да ја врши функцијата специјален претставник за Бугарија. Тој беше разрешен на владина седница, со образложение дека Ковачевски и Петков лично ќе договараат каков пристап ќе заземат за решение на спорот.
Ми беше чест што изминативе 13 месеци бев специјален претставник на Владата за односите со Бугарија, вели Бучковски по разрешувањето.
“Бев именуван две недели по блокадата на Бугарија во исклучително сложени околности. Беше нарушена меѓусебната доверба и преовладуваше говорот на омраза. И во вакви неповолни околности дадов сè од себе да не замре дијалогот и да не дојде до натамошна негативна ескалација во односите на двете држави”, вели меѓудругото Бучковски.
За аналитичарот Кржалоски, разрешувањето на Бучковски е показател за новиот пристап и од македонска страна, но според него, овој потег нема големо значење во целиот процес.
Досегашниот пристап од двете страни не даде резултат, па промените се логични и потребни, вели Кржалоски. Аналитичарот очекува поголема динамика со решавањето на спорот, но како што посочи во гостувањето на Сител, позитивните резултати се далеку од загарантирани.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
