Македонија
22. August 2017 - 14:20

Кинематографот Пиер Лом, добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“ на ИФФК „Браќа Манаки“

Светски познатиот француски кинематограф Пиер Лом е добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“ на 38.издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 23 до 30 септември во Битола. 

Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на Фестивалот, Благоја Куновски - Доре, кој рече дека богатиот опус на Лом со повеќе од 100 филмови, околу 60 целовечерни играни, документарни и кратки, го карактеризираат разновидни визуелни, кинестетски и жанровски изрази. Посочи дека еден од најдобрите снимени филмови на Лом е „Сирано од Бержерак“ (1990).

Лом освоил значајни филмски награди: Бафта, наградата на Британската филмска академија, францускиот Сезар за најдобар кинематографер...

- Публиката е таа која е нашиот таргет и водиме сметка да ги задоволиме потребите на верните гледачи, рече Куновски - Доре. 

Додаде дека програмата на Фестивалот ќе биде соопштена на прес-конференција во Битола.

Директорот на Друштвото на филмски работници на Македонија, Роберт Насков рече дека одлучиле наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ да ја доделат на институцијата Вардар филм во годината кога слави 70 години од нејзиното основање.

- На овој начин ние филмските работници сакаме да се заблагодариме и да им оддадеме почит на сите оние кои биле вработени во оваа најзначајна институција, сите кои биле анагажирани преку Вардар филм и работеле на сите филмски проекти и придонеле за развојот на македонскиот филм, истакна Насков.

На прес-конференцијата се обрати и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој посочи дека бил пријатно изненаден дека големиот лауреат за годинава е Пиер Лом, директор на фотографија и сценарист, кој има снимано со најпознати француски и европски режисери.

Тој изрази задоволство што се посветува големо внимание на францускиот филм.

На прес-конференцијата беше соопштено дека за добитниците на наградите Златна, Сребрена и Бронзена камера 300 на 38. ИФФК „Браќа Манаки“ ќе одлучува меѓународно жири во состав: Пол Рене, Ростад, кинематографер од Норвешка, претседател, и италијанските кинематографери Лука Коасин и Јани - Петери Паси, македонскиот режисер и сценарист Даријан Пејовски и босанскиот кинематографер Ерол Зубчевиќ, членови.

На прес-конференцијата присуствуваше и директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија, Горан Тозија.