Свет
16. March 2016 - 16:59

Кина помага за намалување на последиците од сушата во реонот на Меконг

Камбоџа денеска соопшти дека нивото на реката Меконг се зголемува, благодарејќи на големите количества вода што кон реката се испуштаат од акумулациите на хидросистемот Џингхон од Кина.

Деновиве се очекува зголемување на нивото на реката Меконг, што минува и низ Мјанмар, Лаос, Виетнам и Тајланд, каде поради негативните ефекти на феноменот Ел Нињо голем дел од населението веќе чувствува и недостиг на вода за пиење.

Кинеското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека до 10 април ќе се испушта вода од кинеските акумулации кон извориштата на Меконг. Хидрометеоролозите соопштија дека во подрачјето на југот на Кина, па до делтата на Меконг, посилни дождови се очекуваат дури од почетокот на април.

Најголеми проблеми од последиците на сушата, што во регионот владее од лани во октомври, имаат жителите на Тајланд, каде што со недостиг на вода за пиење се соочуваат и жителите на главниот град Бангкок.

Намалувањето на нивото на реката Меконг прави големи проблеми и на фармите за риби и ракови, бидејки се почесто се случува солената морска вода поради плимата да се меша со слатката вода во фармите, што е погубно за слатководниот животински свет.