Свет
24. August 2017 - 18:09

Киев: Експлозија во близина на Владата на Денот на независноста на Украина

Украинската полиција соопшти денеска дека две лица се повредени во експлозија на „непознат предмет“ што се случила во центарот на Киев, близу до зградата на украинската Влада и местото на одржување на воената парада по повод Денот на независноста на Украина. 

Локалната телевизија Канал 112 јави дека очевидци изјавиле оти веројатно експлозивната направа е фрлена од автомобил во движење. 

Експлозијата се случила околу 14.00 часот, по локално време. 

- Во 14.06 часот добивме информација за експлозија на непознат предмет, стои во соопштението на украинската полиција. 

Портпаролката на Украинската безбедносна служба Олена Гитљанска наведе дека според нивната „прва верзија“, она што се случува е акт на „хулиганство“. 

Истражителите и експертите за деактивирање на експлозив се на местото на експлозијата. 

Украинската телевизија Канал 112 емитуваше видео на кое е прикажана жена која лежи на земја на улица што се наоѓа близу до украинската Влада. 

Повредените лица се хоспитализирани. 

Денеска во Украина се одбележува 26-годишнината од независноста на земјата, а во Киев  се наоѓа американскиот министер за одбрана Џејмс Матис.