Македонија
8. February 2026 - 16:32

Киднапирање во центарот на Белград: Македонскиот пејач Даниел Кајмакоски спасен, напаѓачите во бегство

Даниел Кајмакоски киднапиран во центарот на Белград. Драмата се одвивала во раните утрински часови, кога македонскиот пејач завршил со својот настап во популарен ноќен клуб близина на Бетон Хала. 

Пред да влезе во сопственото возило, го пресретнале двајца непознати сторители. Му ги врзале рацете со салотејп и принудно го натерале да влезе во неговиот автомобил, заканувајќи му се со нож и пиштол. Му барале откуп од 20.000 евра. 

Двајцата напаѓачи тргнале да возат накај градот Рума. При обидот на сообраќајната полиција да ги запре, возачот удрил во банкина по што напаѓачите успеале да избегаат од местото на настанот и се уште се во бегство. Полициската потера траела 63 километри. 

Неофицијално дознаваме дека говореле турски јазик. 

„Наведеното возило е запрено на територијата на општина Рума, во кое жртвата е пронајдена со „врзани раце, додека сторителите успеале да го напуштат возилото и да заминат во непознат правец“, соопштија од српското МВР. 

На Кајмакоски му е укажана лекарска помош, на местото на настанот е спроведена истрага. Вишото јавно обвинителство во Белград го квалификува кривичното дело како - киднапирање, а интензивна работа за понатамошно расветлување на кривичното дело е во тек. 

Српските медиумите пренесуваат дека се огласила и неговата мајка.

„Се слушнавме. Важно е да е жив а дали е добро рано е да се каже. Во таква ситуација човек најмногу се грижи за своие деца. Јас сум во шок“, изјавила мајката на Кајмаковски за српски Блиц. 

ПР тимот на пејачот ја потврдува вестa. Соопштија дека е добро и дека се наоѓа во неговиот дом.  

„Од она што го чув од Даниел во краткиот разговор, ми се чини дека многу смирено и храбро се соочил со киднаперите. Сега му е потребен мир и во интерес на полициската истрага нема да дава изјави“, пишува пр службата Миланка Рашиќ.

Кајмакоски се прослави со победата на шоуто Икс Фактор Адриа, а ја претставуваше нашата држава на Евровизија во 2015-тата. Последниве години живее и работи во Белград.