Македонија
12. September 2015 - 16:50

Кембриџ програмите даваат позитивни резултати во образовниот систем

Новите адаптирани програми по математика и природни науки ја зголемуваат самодовербата и логиката кај учениците. Одделенските наставници едногласни кога станува збор за Кембриџ програмите кои минатата година беа имплементирани во основните училишта. Досегашното искуство покажало дека развојот на младите ученици оди во вертикала со забрзано темпо.

Наставниците велат дека научните истражувања со кои се учи материјата на учениците им се далеку попривлечни споредено со класичните наставни часови кои се спроведуваа до пред една година.

Кембриџ програмата според одделенските наставници претставува една од најголемите образовни реформи кои беа спроведени во минатите години а кои ќе значат подобро и поквалитетно образование за сегашните и идните генерации. Доказ за тоа е и надградбата на постоечката програма и за учениците од 4-то и 6-то одделение.