Свет
16. November 2017 - 10:19

Католички свештеник посредува меѓу Мугабе и војската

Католички свештеник посредува за потенцијален политички излез за претседаталот на Зимбабве Роберт Мугабе, кој пак, инсистиура на тоа дека може да биде отстранет само со партиско гласање, јавија западни медиуми, повикуваќи се на политички и разузнавачки извори.

Медиумите наведуваат дека свештеникот Фиделис Муконори посредува меѓу Мугабе и генерали од армијата кои вчера ја презедоа власта во земјата.

Засега нема детали од разговорите, освен што Мугабе не сакал „лесно“ да ја предаде власта. Мугабе е на чело на државата од 1980 година. Овој напор на католичкиот свештеник се презема со цел мирно предавање на власта, без опасност од крвави судири.

Во исто време, во Хараре се врати Морган Цвангираи, опозициски лидер, кој имаше медицински третмани надвор од Зимбабве. Со тоа се зголемија спекулациите за политички договор за идниот претседтаел во државата, јавуваат западни медиуми.