Македонија
4. November 2017 - 13:08

Карпош одбележа 41 година од формирањето на општината

Општина Карпош вчеравечер во Кинотека на Македонија ја одбележа 41. годишнината од формирањето на општината.

На прославата присуствуваа градоначалникот Стефан Богоев, поранешни градоначалници на општина Карпош, актуелни градоначалници од скопските општини и советници.

Победниците на овогодинешниот „Карпош има талент“, октетот од ООУ „Владо Тасевски“ под менторство на Елизабета Станоевска на сцената ја испеаја староградската антологиска песна „ Дафино вино црвено“.

Градоначалникот Богоев нагласи дека му претставува чест и задоволство што зборува за општината во која се родил и израснал и оти сега, по дадената доверба од граѓаните, ќе ја води општината во подобро утре и подобар живот за сите.

- Во минатиот период многу работи ви ветив, за многу работи разговаравме, се договоривме. Внимателно ве слушав, и се обидов што е можно повеќе да вградам од вашите желби во својата програма за подобар Карпош. Ви ветив живот во Карпош, онаков каков што посакуваме, онаков каков што заслужуваме.Ние младите, велат, имаме оригинални идеи, храбри и ентузијастички. Но тоа, не ни е слабост. Напротив тоа ни е предност. Всушност отсекогаш иднината на Карпош била и е во младите, идните генерации кои допрва доаѓаат кои сакаат да го кажат својот план, својата програма. Јас цврсто верувам дека заедно со вас ќе успееме во таа мисија, истакна Богоев.

Преседателот на Советот на општината Душко Весковски порача дека како советници ќе се залагаат локална самоуправа да ја издигнат на повисоко ниво, а општината да ја претворат во најубаво место за живеење. Тој напомена дека најголемиот коректор ќе бидат карпошани, и тој клучен фактор во ниту еден момент нема да се заборави.

На 3 ноември 1976 година официјално е создадена општина Карпош, заедно со уште неколку скопски општини.