Свет
29. October 2017 - 14:24

Карлес Пуџдемон - мисионерот за каталонска независност

Карлес Пуџдемон, кого најблиските го нарекуваат Пуџи, успеа да изврши мисија, за која тој веруваше дека е предодреден уште од рани години, но за која е избран на еден неверојатен начин.

Тој е роден на 29 декември 1962 година во гратчето Амер, во семејство со осум машки деца. Потекнува од старо каталонско семејство, кое ја почитува традицијата

Во пракса Пуџдемон е непознат за повеќето Каталонци, но е познат за Жирона, каде од новинар станува градоначалник. Во 2016 година поранешниот регионален лидер Артур Мас многу внимателно го избира Пуџдемон за свој наследник, пишува шпанскиот весник „Мундо“.

Артур Мас

За разлика од неговите претходници, Пуџдемон секогаш бил приврзаник на независноста.

За помалку од две години, од целосно непознат политичар за Шпанците, тој станува човекот кој му ги поставува најсериозните предизвици на Мадрид.

Малкумина помислувале дека Пуџдемон еден ден ќе стане наследник на Артур Мас.

Мас, исто како и Пуџдемон, е претставник на партијата Демократска конвергенција на Каталонија (ЦДЦ). Пуџдемон го заменува на функцијата, откако Мас е принуден од помалиот коалициски партнер, партијата Кандидатура за народно единство, да се повлече.

Артур Мас и Карлес Пуџдемон

Веднаш потоа поддршката за ЦДЦ добила клучно значење за каталонското управување, но Мас, кој го предводи движењето за независност уште од самиот почеток, треба да замине, со цел да се избегне криза.

Пуџдемон, кој силно верува во независноста, влегува во големата политика со мисија да ја поведе Каталонија кон отцепување од Шпанија.

- Сега не е време за плашливци, ниту за премислувања. сега е време да преземеме одговорност. Сега е јасно дека почнуваме процес кој нема да биде лесен, ниту мирен. Треба да бидеме храбри и внимателни, изјави тој во својот говор по стапувањето на должност како 130-ти каталонски лидер на 10 јануари 2016 година.

Карлес Пуџдемон

Една година и девет месеци подоцна многумина сметаат дека Пуџдемон навистина дејствувал невнимателно и го обвинуваат дека ги донел Каталонците до работ на бездната.

На 7 септември 2017 година, 54-годишниот Пуџдемон потврди дека е лојален на големиот предизвик, закажувајќи референдум за независност и покрај несогласувањето и предупредувањето на шпанскиот премиер Маријано Рахој.

Шпански Сенат член 155

На 1 октомври над два милиона Каталонци гласаа на референдум за отцепување од Шпанија, кој беше забранет од Уставниот суд во Мадрид и спроведен со полициско насилство.

- Ако ги свиткаме знамињата и се предадеме, крајот ќе биде лош. Волјата да се гласа е голема, треба да дејствуваме. Не правиме криминал, истакна Пуџдемон пред одржувањето на референдумот.

Карлес Пуџдемон

За разлика од Мас, кој постепено преминува од националистички позиции кон поддржувач на независноста, Пуџдемон секогаш бил нејзин приврзаник.

Иако долги години бил член на партијата на Мас, која сега се вика Европска демократска партија на Каталонија, тој бил активен и во различни каталонски организации, кои ја поддржуваат независноста.

Пуџдемон го предводел здружението на каталонски општини за отцепување од Шпанија, кое ги организира претходните, необврзни референдуми за независност.

Тој е љубител на рок музиката и е многу активен на социјалните мрежи, каде пишува речиси секојдневно. Зборува шпански, каталонски, француски, англиски и романски јазик. Неговата сопруга Марчела Топор, која е 15 години помлада од него, е родена во Романија и имаат две ќерки.

Карлес Пуџдемон и сопругата Марчела

Од 25 јануари 1983 година, кога бил на 21-годишна возраст, Пуџдемон го слави вториот роденден откако преживеал тешка несреќа. Се здобил со повреди на лицето и до денес ги прикрива со карактеристичната фризура, која е често тема за потсмев, дури и во неговата партија.