Македонија
25. October 2025 - 16:34

Кандидати и актуелни градоначалници се мобилизираа во чистење на главниот град

Скопските актуелни градоначалници и кандидати се мобилизираа во чистење на општините. Со механизација која на помош им пристигнала од други приградски општини и градови, се чисти во Центар, критичните точки низ општините Карпош, Аеродром, Шуто Оризари. Дополнително организирале и миење на улиците.

Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ вели постапуваат по насоките дадени од ИЈЗ.  

Во Центар утрово е извршена вонредна дератизација во основни училишта и градинки, а акцијата продолжува и во понеделник. Кандидатот и актуелен градоначалник Герасимовски ги повикал на состанок угостителите и куќните совети за да преземат мерки за дератизација за да се опфати целата територија на општината. 

Акција за чистење спроведува и јавното претпријатие ПОЦ, кое изминатите недели со своја механизација помага во чистењето на општината. Ги повикаа сите граѓани на две локации во општината, Буњаковец и Градскиот парк да помогнат во чистењето. 

Во понеделник пред прагот на секое училиште ќе се поставува дезинфекциони бариери, мерка која ја посочија од ИЈЗ со цел да се спречи внесување на нечистотија преку обувките. Во Аеродром спроведена е дератизација низ целата општина, од 9-ти до 24 октомври, со која се опфатени 3000 шахти во кои се поставени 9000 мамци. 

Меѓу препораките кои вчера ги издадоа од ИЈЗ, покрај итното собирање на отпадот од страна на комуналните служби, се и препораките до граѓаните да го селектираат ѓубрето, да избегнуваат контакт со расфрланиот смет а локалните власти задолжително да ги мијат улиците. 

Инаку од пред неколку дена поради алармантната состојба со сметот во главниот град, истражните органи почнаа постапка за испитување на кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад.

Од Обвинителството не откриваат детали, велат во тек се проверките во ЈП КХС. Од МВР соопштија дека Единицата за економски криминал од просториите на Комунална и градоначалникот на Скопје одземале соодветна документација и докази по сомнение за сторени кривични дела поврзани со несобирањето на отпадот.